ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не сака да го види тоа што и граѓаните и реномираните рејтинг агенции им го кажуваат

Не е прв пат Зоран Заев да не го слуша и да не го цени мислењето на граѓаните. Тој во континуитет ги игнорира девет години. Затоа десетти пат по ред ќе го слушне нивното мислење за потценувачкиот однос кој го има кон македонскиот народ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Хаосот во редовите на СДСМ е се повидлив. Откако видовме дека веќе незнаат што говорат, сега гледаме дека не знаат ни што пишуваат. СДСМ се очигледно затворени во некој свој свет и немаат контакт со реалноста и веруваат само на рејтинзите на партискиот институт Прогрес. СДСМ не сака да го види тоа што и граѓаните и реномираните рејтинг агенции им го кажуваат. Ако пред некое време виновна за катастрофалниот рејтинг им беше реномираната ИРИ, денес за тоа е виновна и реномираната Брима Галуп, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Суровата реалност, велат од партијата, СДСМ ќе ја почуствуваат на 24-ти април.

-Граѓаните тогаш јасно ќе им го покажат нивниот рејтинг, кредибилитет и најважно од се нивната неспособност. Граѓаните на 24-ти април ќе дадат поддршка на политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои овозможија намалување на невработеноста на 25,5%, за отворањето на десетици странски инвестиции кои вработуваат илјадници лица низ цела Република Македонија, граѓаните ќе гласаат за инвестициите во здравството, образованието, инфраструктурата, за новите детски градинки, училишта, болници, автопати, театри, покачените пензии, социјални помошти, плати… Граѓаните на 24-ти април ќе го потврдат тоа што рејтинг агенциите им го покажуваат, дека деструктивната политика на СДСМ базирана на манипулации и лаги не поминува. Поразот на СДСМ е се поевидентен. Остануваат само уште 132 дена тоа да се потврди, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.