Во Саудиска Арабија избрана прва жена на политичка функција

Жена од Саудиска Арабија за прв пат е избрана за член на општински совет, откако земјата ја укина забраната за учество на жените на изборите.

Салма бинт Хизаб ал Отјеби освои место во советот во провинцијата Мека на вчерашните избори, соопшти денеска изборната комисија, пренесува Би-Би-Си.

Општинските избори на 12 декември во Саудиска Арабија беа први на кои жените имаа право да гласаат и да се кандидираат за функции, што се смета за чекор напред во бавниот процес на реформи за правата на жените во оваа конзервативна монархија.

Вкупно 978 жени и 5.983 мажи се пријавија за учество на изборите за 284 општински совети. За гласање се пријавиле само 131.000 жени, во споредба со 1,35 милиони мажи, од вкупно 21 милион жители во Саудиска Арабија.

Првите општински избори во земјата се одржаа во 2005 година. На тие и следните избори во 2011 година право на глас имаа само мажи.