Голем интерес за дочек на Нова година во Охрид

Голем интерес за дочек на Нова година во Охрид
Голем интерес за дочек на Нова година во Охрид

Охридските хотелиери и угостители ги привршуваат подготовките за што поуспешен пречек на гостите кои ќе решат тука да ги поминат новогодишните празници, уште повеќе што најавите укажуваат на зголемен интерес кај туристите за дочек на Новата 2016 година на охридското крајбрежје, објави МИА.

Цените на хотелските аранжмани за новогодишните празници се слични на изминатите години до 160 евра за три дена со свечен дочек на Новата година, зависно од понудата и категоријата на објектот. Тридневните аранжмани во хотелите „Метропол“ и „Белви“ чинат 150 евра, со вклучен дочек и свечено новогодишно мени. Истиот аранжман во „Белведере“ чини 159 евра, во „Силекс“ 149, во „Ривиера“ 139 евра и во двата објекти на „Климетица“ цените на аранжманите се 90, односно 110 евра. Само дочекот на Новата година во хотелите чини од 1800 до 2100 денари.

Хотелиерите велат дека интересот за аранжманите оваа година е значително зголемен во споредба со минатите години и веќе закупени се над 70 отсто од капацитетите, со очекувања за стопроцентна исполнетост со оглед на навиките во последен миг да се носи одлука каде да се минат новогодишните празници.

Во познатите охридски ресторани цените за дочекот со свечено новогодишно мени се слични на минатогодишните. Во „Далга“ и „Чун“ дочекот на новата година ќе изнесува 50 евра со богато мени и неограничен пијалок. Ресторанот „Света Софија“ нуди богато новогодишно мени за истата цена, додека втората вечер за влез ќе се наплаќа консумација од 1.200 денари, што гостите ќе можат да ја потрошат по свој избор. Во рестораните „Белведере“ и „Билјанини извори“ дочекот на Новата година ќе чини 45, односно 40 евра со десет односно пет евра за пијалок. Дел од угостителите ќе работат според варијантата на отворен влез, со редовни цени на храната и пијалоците.

И оваа година најбројни се гостите од соседните земји, пред се Србија, Бугарија, Црна Гора и Албанија кои традиционално го избираат Охрид за новогодишните празници. Во Охрид ќе има гости и од други држави како Полска, Словенија и Турција, но кога станува збор за домашните гости, пред се доаѓаат оние кои имаат свои станови и куќи во Охрид така што не се очекува позначајна заработка кај приватните станоиздавачи и издавачи на соби. Кај нив цената на сместување изнесува од 400 денари за легло и од илјада до над три илјади денари за апартман дневно, зависно од локацијата, големината, бројот на легла и категоризацијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.