Свет

Почна процедурата за избор на генерален секретар на ОН

Почна процедурата за избор на генерален секретар на ОН
Советот за безбедност на ОН усвои резолуција за Сирија

Со објавување на заедничкото писмо на претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, Могенс Лукетофт и претседателот на Советот за безбедност, во овој случај претставуван од САД, и формално започна процедурата за избор на генерален секретар на Обединетите нации со мандат од 1 јануари 2017 година.

Во писмото се нагласува дека при изборот за Генерален секретар на Обединетите нации ќе се земе предвид докажанато искуство на кандидатите во надворешната политика, како и нивните менаџерски, дипломатски и лидерски способности.

Претседателот на Генералното собрание потврди дека веќе е земена предвид кандидатурата на Срѓан Керим, поранешен министер за надворешни работи на Република Македонија и претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.

Спомената е и кандидатурата на Весна Пусиќ, министерката за надворешни работи на Хрватска, а се очекува во наредните месеци да се пријават и други кандидати.

Предвидено е до крајот на јули идната година да се изврши селекцијата на кандидатите, а во септември Советот за безбедност да го препорача кандидатот за иден генерален секретар до Генералното собрание на Обединетите нации. Изборот ќе биде извршен во текот на октомври 2016 година од страна на Генералното собрание на ОН.