ВМРО-ДПМНЕ: Во време на СДСМ немаше загадување на воздухот бидејќи воопшто не се мереше

Во времето на СДСМ немаше загадување на воздухот бидејќи загадувањето воопшто не се мереше, реагираат од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека стратегијата на СДСМ била: Игнорирај го загадувањето и нема да постои.

Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ ви го пренесуваме во целост интегрално

СДСМ се уште нема одговор на прашањето зошто со прст не мрдна кога можеше да преземе нешто за загадувањето на воздухот.

Во време на СДСМ немаше загадување на воздухот бидејќи загадувањето воопшто не се мереше.

Тоа беше стратегијата на СДСМ: игнорирај го загадувањето и нема да постои. Не поставувај мерни станици и граѓаните нема да знаат што дишат.

Министрите за животна средина Љубомир Јанев и Зоран Шапуриќ познат како министерот кој потона во малите поплави, имаа препознатлива за СДСМ насока на делување во однос на загадувањето на воздухот: ќути и прави се дека го нема.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ на овој проблем му пристапува сериозно.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година.

Оваа Влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа Влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа Влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски прави проект за велосипедски патеки во должина од 50 километри. Се набавија електрични возила и мотоцикли. Се формираше комитет за здравје и животна средина. Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.

Во моментов се реализира проект за осовременување на лабораторијата за воздух и Министерството за здравство набави уште две мобилни мерни станици. Акредитирана е и лабораторијата на универзитетот во Штип која ја мери и концентрацијата на ПМ честичките. Се распиша тендер за набавка на резервните делови на станиците. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација.

За разлика од СДСМ кој единствено се обидува да се амнестира од одговорност пишувајќи си сопствена страна на историјата во своите соопштенија, ВМРО-ДПМНЕ не го игнорира проблемот бидејќи здравјето на граѓаните не трпи несериозни манипулации како обидите на СДСМ за приграбување ситни политички поени.

Остануваат само 129 дена до 24 април, денот кога народот ќе му каже на СДСМ десетти пат по ред што мисли за ваквата манипулаторска политика и за подигрувањето со здравјето на граѓаните, стои во соопштението од владејачката партија.