Димовски побара извинување од СДСМ за вчерашниот инцидент во Анкетната

Седумдесет и четвртата собраниска седница ќе продолжи по пауза од еден час по барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пишува МИА.

Пред почетокот на седницата, Димовски изрази разочарување и осуда за вчерашниот, како што рече, вербален инцидент на Анкетната комисија за прислушувањето меѓу претседателот на Комисијата Петре Шилегов и пратеничката Владанка Авировиќ, и побара извинување од координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски, извинување од претседателот на Анкетната комисија Шилегов, како и итно свикување на Клубот на жени пратенички, односно негово произнесување со заклучок за инцидентот.

На дневен ред на денешното осмо продолжение на 74. седница се Предлог-законот за амнестија во прво читање, поднесен од Павле Трајанов и Лилјана Поповска, како и Информацијата за енормното загадување на амбиенталниот воздух во Македонија, поднесен од пратеничката група на СДСМ.