ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не мрдна со прст за да се справи со загадувањето

СДСМ и понатаму продолжува со несериозното однесување и си подигрува со здравјето на граѓаните. И понатаму го избегнува одговорот на прашањето зошто не мрдна со прст за да се справува со проблемот на загадување на воздухот. СДСМ воопшто не планираше да се бори со овој сериозен проблем. Затоа го игнорираше загадувањето, како да не постои за да не мора да презема ништо, реагираат од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Соопштението Ви го пренесуваме интегрално…

Министрите за животна средина во владите на СДСМ се познати по нула проекти кои ги водеа за решавање на проблематиката со загадениот воздух.

И денес загаденоста на воздухот СДСМ ја користи за дневни ситни поени, во очајнички обид да намали малку од огромната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ со рејтинг од 33,3% во споредба со мизерните 14,7% за СДСМ.

Ваквата разлика не се стекнува со подбивање со здравјето на граѓаните и со несериозност околу сериозни теми. Ваквата разлика се постигнува со работа и со проекти.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година.

Оваа влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски прави проект за велосипедски патеки во должина од 50 километри. Се набавија електрични возила и мотоцикли. Се формираше комитет за здравје и животна средина. Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.

Во моментов се реализира проект за осовременување на лабораторијата за воздух и Министерството за здравство набави уште две мобилни мерни станици. Акредитирана е и лабораторијата на универзитетот во Штип која ја мери и концентрацијата на ПМ честичките. Се распиша тендер за набавка на резервните делови на станиците. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација.

СДСМ упорно сака да зборува лицемерно за загадувањето на воздухот за кое не преземаа ништо во свое време. Ова СДСМ го прави секогаш кога има мизерен рејтинг, кога е фатен на дело како се обидува да спроведе тоталитаризам во медиумите и кога нивните првоборци имаат задача да креираат кризи кои ќе им служат како алиби за бегање од избори.

Ваквите манипулаторски обиди на СДСМ нема да пројдат. За 127 дена доаѓа казната од народот. На 24 април СДСМ ќе биде поразен десетти пат по ред, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.