Арсовска: „ Купи куќа за млади “ – стимул за градежништвото

Новиот владин проект „ Купи куќа за млади “ е дополнителна стимулација за сите млади кои го немаат решено станбеното прашање, тоа да го реализираат по многу поволни услови. Проектот дополнително ќе го стимулира и градежништвото кое и онака веќе е во подем, оцени денеска претседателката на Сојузот на стопанските комори Данела Арсовска.

– Треба да стремиме градежништвото да не се развива само од овие инфраструктурни проекти, туку и преку зголемување на личната потрошувачка што ќе им овозможи на граѓаните да си го решат станбеното прашање, рече  Арсовска, одговорајќи на новинарски прашања по доделувањето на наградите „Претприемач на годината 2015“.

Во врска со очекувањата за растот на економијата идната година, Арсовска нагласи дека проекциите кои според Сојузот би биле околу 4 отсто, е неизвесно дали ќе се остварат поради актуелните случувања како бегалската и економската криза, но и политичката ситуација во Македонија.

– Има многу фактори кои ќе влијаат на проекциите за 2016 година. Нашата иницијална проекција е 4 отсто, но не сме сигурни дали ќе успееме да го достигнеме тој процентен поен зашто не знаеме како ќе се одвиваат дополнителните фактори кои имаат влијание – мигрантската и економската криза што го зафатија регионот, како и политичката ситуација во земјата, напомена претседателката на ССК.