Македонија

Град Скопје аплицира за европска претстолнина на културата

Град Скопје аплицира за европска претстолнина на културата

Во галеријата на Младинскиот културен центар, денеска се одржува првата меѓународна работилница на тема „Значењето на титулата Европска престолнина на културата и нејзин придонес за културен и општ развој на градот“ на која учествуваа гости од Пловдив, Нови Сад, Љубљана и Ријека, невладини организации и културни институции.

Град Скопје ја иницираше оваа прва работилница како дел од заложбите и напорите за европска интеграција на градот Скопје како главен град на Република Македонија – земја со повеќегодишен кандидатски статус за Европската Унија. Иницијативниот одбор започна со работа на својата прва конститутивна седница која што се оддржа во октомври 2015 година. Како што повеќето знаете можноста што му се дава на Градот Скопје за аплицирање за титулата „Европска престолнина на културата“ стана достапна во 2014 година со усвојувањето на „Одлуката на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на акцијата на Унијата за Европските престолнини на културата за период од 2020 до 2033 година“. На Скопје, како град којшто доаѓа од земја со кандидатски статус за ЕУ, му остануваат можностите да се пријави на еден од повиците за стекнување на титулата „Европска престолнина на културата“ резервирани за земји со кандидатски статус и тоа во 2024, 2027, 2030 и 2033 година. Свесни сме дека културата се повеќе зема важно место во развојот на градовите во Европската Унија, но исто така свесни сме дека културата претставува двигател на урбаниот, но и социо-економскиот развој на градовите и  регионите околу нив. Исто така, за да се оствари оваа цел – стекнување на титулата „Европска престолнина на културата“, освен инфраструктурни и човечки капацитети, потребно е да се покаже и политичка спремност и волја, да се прифатат европските и светските текови и новитети на полето на културата, и третманот на културата како приоритетна  област за развој на градот. Искуствата покажале дека иницијативата „Европски  престолнина на културата“, прераснала во една од најамбициозните културни иницијативи на Европа, како и една од најмногу почитуваните од страна на европските граѓани. Покрај првобитните цели на иницијативата „Европските престолнини на културата“ со кои меѓудругото се нагласува, богатството и разновидноста на европските култури, градовите кои што биле  носители на оваа титула со текот на времето, исто така, имаат додадено и нова димензија, користејќи го двигателното влијание на титулата за стимулирање на нивниот општ развој, изјави градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Трајановски посочи и дека цел на Градот Скопје е да покаже подготвеност и стремеж, со помош на активностите за кандидирање и стекнување на оваа титула во наредните години да ги постигне следните цели: регенерација на градот; подигање на меѓународниот профил на градот; креирање на нов живот во културата на градот; зголемување на туризмот и развој на креативните индустрии и слично. Исто така, напомена дека оваа  активност е сегмент од неговата програма за работа за периодот 2013-2017, поточно  проектот: Скопје – град на културата, со кој Градот се обврзава да почне активности за подигање на свеста за можностите и Градот Скопје да се јави на еден од повиците на Европската Комисија како можен потенцијален кандидат. Изминатите години континуирано се работеше на унапредување на  состојбите во културата, особено во градските културни установи. Се реновираа: Младинскиот културен центар, Зоолошката градина, Културно информативниот центар, Детскиот културен центар „Карпош“, Градската библиотека „Браќа  Миладиновци“, се реновираа повеќе музејски поставки во Музејот на град Скопје, а предвидено е инфраструктурните инвестиции  на Градот да продожат и во иднина.

Во меѓувреме беа воспоставени нови манифестации, но и продолжи континуираната поддршка на многу етаблирани меѓународни филмски, театарски и музички фестивали, како и фестивали и проекти од областа на визуелните уметности и дизајнот кои се оддржуваат во Скопје, а следната година предвидена е изработка на нова повеќегодишна Стратегија за развојот на културата. Градот Скопје и Иницијативниот Одбор Скопје-Европски град на културата“ и понатаму ќе ја продолжат  поддршката на сите активности кои следуваат во наредниот период, а се со надеж дека еден ден ќе бидеме дел од големото семејство на Европски престолнини на културата, рече градоначалникот Трајановски.

Професор д-р Бранислав Саркањац, член на Иницијативниот одбор „Скопје – Европска претстолнина на културата“ изјави дека се различни искуствата  што ги имаат сите  градови коишто  ја  добиле оваа титула, но придобивките се големи во сите  општествени области.

На апликацијата претходеа серија на активности, како што се усвојувањето на „Информацијата за започнување постапка и потребните активности за номинирање на Градот Скопје за „Европска престолнина на културата“ од Советот на Град Скопје на 35-тата седница одржана на 2 декември 2014 година, како и усвојувањето на „Одлуката за формирање Иницијативен одбор „Скопје-Европски град на културата“ на 53-тата седница на Советот на Град Скопје оддржана на 22 септември 2015 година.