Ставрески: Граѓаните да ја искористат можноста со државни пари до сопствен дом

Ставрески: Граѓаните да ја искористат можноста со државни пари до сопствен дом
Ставрески: Граѓаните да ја искористат можноста со државни пари до сопствен дом
Граѓаните да ја искористат можноста и со државни пари да се стекнат со свој, сопствен дом – порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во неговото гостување во Дневникот на МТВ.

Ставрески рече дека проектот „Купи куќа за млади“ е чекор напред во однос на проектот „Купи куќа, купи стан“, бидејќи се зголемени субвенциите и поддршката од Владата. Предвидени се два модела: субвенционирана рата или покривање на учеството, објасни Ставрески, со тоа што кај моделот рата, државата во првите 8 години покрива 80% од ратата, а во деветтата, десеттата и во единаесеттата година субвенцијата изнесува 50%

-На пример, за куќа од 100 квадратни метри, се бара кредит од 30 илјади евра. Месечната рата е околу 200 евра, со тоа што во првите 8 години, корисникот ќе плаќа 40 евра, а државата 160. Во следните три години ќе се плаќа по половина. За 11 години поддршката од Владата е 20 илјади евра! Се разбира дека за поголем кредит, поголема е и поддршката. Вториот модел е ако граѓанинот нема кеш пари за учеството кое го бараат банките. Во тој случај, за кредит од 30 илјади евра, државата целосно ќе го покрие учеството од 7.500 евра. За поголем кредит, поголема е и поддршката за учеството, која може да достигне и до 12.500 евра. Ова е одлична можност, рече Ставрески.

Ставрески во интервјуто ги објасни и условите за учество во проектот „Купи куќа за млади“.

-Овој проект е за младите луѓе, поединци или луѓе кои се во брачна заедница. Услов е да се на возраст до 35 години или ако се во брачна заедница, барем едниот од нив да е на возраст до 35 години. Вториот услов е платата да не е повисока од 900 евра за поединец или до 1.300 евра ако лицата се во брачна заедница. Се разбира дека банките согласно висината на платата ќе го определат и кредитот,  вели Ставрески.
Исто така, услов е барателот на свое име на нема куќа, иако ако има идеален дел до 50% (од наследство) се дозволува учество во проектот.

За да им се излезе во пресрет на сите заинтересирани граѓани за проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“, Ставрески најави дека од среда во Министерството за финансии ќе биде отворена канцеларија. Ќе функционира на дневна основа и ќе ги опслужува граѓаните со сите потребни информации. Интерес има. Ставрески вели дека досега, само преку проектот „Купи куќа, купи стан“, со сопствен дом се стекнале околу 730 луѓе.

-Досега се одобрени кредити во износ од 21 или 22 милиона евра, од кои околу 5 милиони евра изнесуваат субвенциите од државата, вели Ставрески.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ ќе продолжи и во иднина, се работи за проект кој им е ставен на располагање на сите луѓе, без разлика на возраст, порача Ставрески во интервјуто за МТВ.