Одбележан Денот на настава на турски јазик во Македонија

Турците во Македонија денеска го одбележуваат Денот на образование на турски јазик, кој е единствен национален празник за таа етничка заедница во земјава.

На денешното одбележување на празникот во Скопје присуствуваше министерот за образовование и наука Абдилаќим Адеми, при што беа доделени пофалници на десет наставници кои изведуваат настава на турски јазик. Овие признанија се доделуваат во знак на благодарност за нивното континуирано залагање за унапредување во наставата, како и за постигнатиот успех во извршување на слободните активности.

– Можностa за образување, творење и напредување на својот мајчин јазик, е вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам. Република Македонија е сплет на различни култури и религии, кои нè поврзуваат и нè обединуваат. Согласно Уставот и позитивните законски  прописи, учениците од различните етнички заедници можат да следат настава на јазикот кој го говорат. Тоа значи дека и учениците од турска националност имаат можност да го формализираат својот образовен процес од прво одделение основно образование до четврта година средно, на турски јазик, истакна министерот Адеми.

Посочи дека во моментов 5.630 ученици во основното образование и околу 1.640 во средното образование ја следат наставата на турски јазик.

– Во високото образование,  зголемен е интересот на студенти од Република Турција кои се одлучуваат да го продолжат своето образование во нашата земја. Тие слушаат предавања на македонски јазик на Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип, додаде Адеми.

Тој ја нагласи и цврстата соработка со Република Турција, која, како што наведе, се одвива во духот на пријателство, меѓусебно почитување и разбирање.

– Како долгогодишни пријатели и стратешки партнери, имаме постојан дијалог и интензивна соработка во реализацијата на проекти од областа на образованието. Денес, кога го одбележуваме  празникот на турската заедница, сакам да порачам, дека и во иднина заеднички ќе продолжиме да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на културниот, образовниот, економскиот и општествен развој на Република Македонија, рече во своето обраќање министерот за образование и наука.

На 21 декември се одбележува почетокот на наставата на турски јазик – во 1944 година во ОУ „Тефејуз“ во Скопје.

Со одлука на Владата на РМ од 2007 година, овој ден е неработен за турската етничка заедница во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.