Хартиени и електронски билети во автобусите на ЈСП до 1. мај

Билетот за 10 возења останува да важи и натаму со цел граѓаните да имаат време да се навикнат на новиот систем на наплата.

Скопјани повеќе не треба да се прашуваат како ќе се снајдат со новите видови електронски картички од 1 јануари, бидејќи надлежните решија до 1 мај следната година паралелно да важат и старите хартиени билети. А, дотогаш во електронскиот систем ќе бидат вклучени и приватните превозници. Целта е на патниците да им се овозможи период да се навикнат на новиот систем на наплата. Тоа значи дека оние кои ќе го користат електронскиот систем за наплата ќе може да платат со електронски паричник, преку електронската картичка откако на билетарница на ЈСП го запишале видот на билетот или со мобилен телефон, но и со хартиен билет за 10 возења и билет купен кај возачот, пренесува Утрински весник.

Во автобусите не ќе може повеќе да се внесуваат разни вреќи или пакети, односно да се врши бесплатен транспорт на багаж со димензии поголеми од 80 на 50 сантиметри или потешки од 30 килограми. За ваков багаж патникот ќе биде должен да плати возен билет по цена за едно возење или да купи билет кај возачот доколку нема електронски билет. Но, дали ќе сака да има дневен, ноќен, седумдневен, билет за десет возења или кој било друг или електронски паричник, ќе мора да го запише видот на билетот на својата електронска картичка, откако ќе оди на некоја од билетарниците на ЈСП.

„Eлектронскиот паричник на електронските картички може да се надополнува неограничен број пати со износ од минимум 100 до максимум 6.000 денари. Средствата во паричникот се кумулираат при надополнувањето, а се намалуваат при валидирање на електронската картичка на валидаторот за вредноста на возниот документ. За се’ што ги интересира граѓаните наскоро ќе информираме во детали, но најнапред да помине предлог-одлуката пред градските советници“, вели Игор Јанушев, директор на ЈСП, пренесува Утрински весник.

Валидацијата со мобилен телефон ќе се врши преку таканаречен пренос на податоци преку звучна комуникација меѓу мобилниот телефон и валидаторот, а плаќањето е со вртење на бесплатниот телефонски број 185. Валидацијата со мобилен телефон може да функционира од сите модели на телефонски апарати доколку мобилниот оператор чиј претплатник е корисник на оваа услуга има склучено договор со ЈСП. Предвидени се и мерките за оние што ги кршат правилата, па така ЈСП ќе има можност нивните картички да ги блокира или да ги стави на таканаречена „црна листа“ и тие не ќе можат да се користат во системот за електронска наплата во возилата.

Картички ќе може да се блокираат од различни причини, кога се изгубени, украдени оштетени и блокирани поради прекршок на патникот. На патникот кој ќе биде затекнат во возилото без важечки и исправен возен билет, контролорот ќе му издаде дополнителен билет и ќе му изготви записник да го плати во рок од 8 дена на трансакциската сметка на ЈСП. Само така патникот ќе може да го продолжи патувањето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.