Почина едно од најголемите имиња во југословенската одбојка – Дејан Брџовиќ

Брџовиќ беше еден од најквалитететните производи на поранешната југословенска одбојка, идол на многу генерации млади одбојкари не само во Србија, од каде потекнуваше, туку и на просторите од СФРЈ.

Активно играше до својата 40-та година од животот, а освен во Црвена Звезда, чиј дрес го носеше во три “мандати”, најголем дел од кариерата помина во италијанското првенство.

Репрезентативец стана уште како тинејџер, но најголемите успеси ги оствари по распаѓањето на СФРЈ.

Со селекцијата на СР Југославија освои по едно сребро на Европските и Светските првенства и по една бронза на Европските шампионати и Олимписките игри во 1996 година. Малкумина знаат дека токму во периодот на таа Олимпијада, Брџовиќ доживеа семејна трагедија бидејќи почина неговиот едногодишен син Марко и тој мораше итно да се врати дома, па не ги одигра последните натпревари.

За репрезентациите на СФРЈ и СРЈ одигра над 300 натпревари, почна како техничар, а потоа беше “прекомандуван” во коректор. Од националниот тим се прости во 1997 година, на 31-годишна возраст.

По завршувањето на играчката, почна тренерска кариера при што најголемиот успех го оствари со италијанскиот женски одбојкарски клуб Асистел Новара со кој стигна до полуфиналето од Лигата на шампионите.

Во одбојкарските води влегоа и неговите деца Александра и Алекса кои се веќе репрезентативци на Србија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.