Иванов: Нема да дозволиме Македонија да биде колатерална штета на европските политики

Иванов: Нема да дозволиме Македонија да биде колатерална штета на европските политики
Иванов: Нема да дозволиме Македонија да биде колатерална штета на европските политики

На денешното годишно обраќање на претседателот Ѓорѓе Иванов во Собранието, тој посочи дека е способноста на Македонија да се справи со предизвикот со бегалците е ставена на тест.

Од почетокот на кризата се потпираме врз сопствени ресурси и минимални билатерални донации.  Република Македонија ги сноси последиците од пропустите на Унијата, ги трпиме последиците од немоќноста на нејзиниот кризен менаџмент да се справи со заканите и со ризиците, истакна претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред пратениците, говорејќи за мигрантско-бегалската криза.

Посочи дека проактивниот одговор на Македонија во справувањето со мигрантската криза беше забележан и во Европската унија и во НАТО. Заложбите, како што рече, дадоа очигледен резултат.

 Од почетокот на кризата се потпираме врз сопствени ресурси и минимални билатерални донации. Благодарни сме за странската финансиска помош која е целосно наменета за хуманитарниот аспект од бегалската криза. Од друга страна, сите трошоци за безбедносниот аспект на мигрантската и бегалска криза надминуваат 12 милиони евра. И сите се на наш грб. Непланираните трошоци што произлегоа од мигрантската криза мора да се земат предвид при изработката на следните буџети. И покрај сето тоа, како држава правиме сè што е во наша можност да ги исполниме сите наши меѓународни обврски за хуман третман на мигрантите и бегалците, рече претседателот Иванов во обраќањето.

Оценувајќи оти Европската унија била затекната во случајот со мигрантите, Иванов укажа дека првиот пропуст на Унијата е нефункционалниот механизам за распоредување на бегалците во земјите-членки со таканаречени квоти, вториот пропуст е што дозволи нејзини земји-членки да не ги регистрираат бегалците и мигрантите и третиот пропуст на Унијата е што дозволи земји-членки да носат еднострани одлуки.

Бевме првата држава во Европа која не е членка на Европската унија, а која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција, која доаѓа од територија на Унијата. Го активиравме кризниот менаџмент, истакна Иванов.

Потенцира дека како претседател и врховен командант постојано ја следи безбедносната состојба на нашата татковина, а повеќепати бил во обиколка на јужната граница. Благодарение на одлуката за ангажирање на Армијата на Република Македонија за поддршка на граничната полиција, како што рече, спречени се голем број  илегални преминувања.

Тој посочи на фактот дека со сè што е направено, дури и во услови на политичка криза и безбедносна закана, не е дозволено да бидат нарушени безбедноста на граѓаните и интегритетот на државата.

 Не дозволивме и нема да дозволиме Македонија да биде колатерална штета и нашите граѓани да ги трпат последиците од неуспехот на европските политики. Научивме лекција од политичката криза. Бидејќи, кога ние сами не одлучуваме, тогаш други одлучуваат и за нас. Не дозволивме да ја направиме истата грешка при ескалацијата на мигрантската криза. Не дозволивме да се носат одлуки за нас, без нас, истакна Иванов.

Осврнувајќи се на вонредниот состанок во Брисел, Иванов информира дека инсистирал на распоредување на силите на ФРОНТЕКС.

 Инсистирав на поголема соработка од страна на нашиот јужен сосед. За овие барања во два наврата разговарав и со грчкиот премиер Ципрас. Моите заложби вродија со плод. Неодамна, Грција и формално упати барање до ФРОНТЕКС за распоредување  сили на грчко-македонската граница. Нивната задача ќе биде да вршат проверка и регистрација на мигрантите кои сакаат да влезат во Република Македонија. Од господинот Ципрас добив ветување за поинтензивна соработка и комуникација меѓу грчките и македонските безбедносни служби, рече Иванов.

На обраќањето на претседателот Иванов во Собранието присуствуваа премиерот и членови на Владата, началникот на ГШ на АРМ, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници, на правосудните органи, а не беа присутни пратениците од СДСМ и ДУИ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.