Иванов: Полицијата ја одбрани безбедноста, а кумановци го одбранија соживотот

Полицијата ја одбрани безбедноста, а кумановци го одбранија соживотот. Претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред пратениците во Собранието на Република Македонија меѓу другото се осврна и на настаните од мај годинава во кумановската Дива Населба.

На 9-ти мај, мирниот живот на Куманово беше загрозен од насилни екстремисти и терористи кои дојдоа да го разбијат мирот, соживотот, демократијата и поредокот во Македонија. Сакаа да го нарушат територијалниот интегритет и да ја дестабилизираат државата.Долго време предупредував за оваа опасност. Уште на почетокот на годината побаравме помош од 17 партнерски служби на земјите од Европската унија, НАТО и земјите од регионот. За жал, размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата, не даде резултат. Бевме оставени сами на себе. Но, и сами храбро и професионално успеавме да излеземе на крај со оваа сериозна закана, рече Иванов.

Тој нагласи дека треба јасно да се стави на знаење оти со акцијата во Куманово се спречени координирани терористички напади низ повеќе градови во Македонија, масакри и крвопролевања какви што неодамна видовме во Париз и искажа благодарност до припадниците на полицијата за нивната пожртвуваност, но, и до граѓаните во мултиетничко Куманово, кои, како што наведе, решително му се спротивставија на увезениот екстремизам и го одбранија македонскиот модел на соживотот и почитувањето на различностите.

Траумите од Куманово ни се сè уште свежи. Државата загуби осум храбри припадници на полицијата. Семејствата загубија свои синови, браќа, сопрузи, татковци… Уште тогаш реков дека сторителите и сите вклучени во овој терористички чин скапо ќе платат за тоа што се обидоа да ѝ го сторат на Република Македонија и на нејзините граѓани. Денес, тие се изнесени пред лицето на правдата. Останува судството достојно и професионално да си ја заврши својата работа, кажа Иванов.

Според него, случајот во Куманово е школски пример како не треба да се однесуваат државите и службите во постигнување на регионалната безбедност. Како што рече, се покажало дека како регион соработуваме во сите сфери, но најмалку во областа на безбедноста. Посочи дека системот за превенција затаил поради недоволната размена на податоци, недостигот на соработка и комуникација, но и немањето доверба меѓу државите и службите.

Куманово беше лекција за регионот, но и за нас. Во екот на политичка криза и медиумско разногласие, на протести и контрапротести, Куманово беше момент на отрезнување за политичките партии. Само еден ден по Куманово го свикав Советот за безбедност и ја повикав опозицијата да учествува на седницата. Со тоа, во зенитот на безбедносната закана, започна да се расплетува и политичката криза. Станувајќи свесни за надворешните ризици и опасност, прогласивме кризна состојба. Свикав две итни седници на Советот за безбедност. Првиот пат кога се случи Куманово, а вториот пат, кога се случи Париз. Можам да ви кажам дека на двете седници се бранеше државниот интерес, и тоа од сите присутни, независно од нивната политичка припадност. Советот за безбедност е пример како преку конструктивен дијалог да се гради единството околу државниот интерес. Тоа придонесе да се зацврсти чувството за одговорност кон државата. Но, тоа е само почеток, рече шефот на државата.

За да се одговори на овие закани, вели Иванов, ќе мора да се менуваме, а институциите треба да се навикнат да работат во состојба на постојана криза.

Овие закани и ризици нема да исчезнат преку ноќ. Субјектите на системот за национална безбедност мора да се променат за да го заштитат територијалниот интегритет, унитарниот карактер и суверенитет на државата и да го обезбедат соживотот и имотот на граѓаните. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно опкружување. Тоа е нашата прва линија на одбрана против заканите кои се последици од регионалните кризи и конфликти. Ние мора да ги трансформираме нашите разузнавачки капацитети и да изградиме нови за да можат да држат чекор со природата на овие закани, предупреди Иванов.

Националната безбедност, според него, е дел од пошироката меѓународна безбедност, а блокадата за членство во НАТО неминовно се  одразува и врз ефикасноста на нашиот систем за одбрана и за безбедност.

Соочувањето со новите закани, како и кризата со бегалците, наметнаа потреба од интензивна комуникација и соработка меѓу службите, како и ефикасност во извршувањето на задачите од страна на институциите кои имаат законски надлежности во одбраната и во безбедноста. Новите закани и безбедносни предизвици ќе ги редефинираат мисијата и задачите на Армијата, како витален столб на одбраната на Република Македонија, смета Иванов.

Безбедноста, како што нагласи нема цена, и затоа, како претседател и како врховен командант, постојано потенцира на неопходноста од зголемување на буџетот за АРМ, ревизија на законите и спроведување на неопходните реформи.

Потенцирам на неопходноста од техничка надградба, кадровски капацитети и оправдана финансиска потреба за субјектите кои учествуваат во превенцијата и во справувањето со заканите, а закани има многу, порача претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред пратенциите.