Започнува акцијата „Се бориме за секое работно место“

Информирање на невработените за слободните работни места и можностите што ги нуди државата преку обуки, доквалификации и прекфалификации, гратови за самовработување и субвенционирано вработување, но и на компаниите за кадарот со кој би можеле да пополнат одредени слободни места и за поволностите кои би ги добиле за одредени вработувања, како и поврзување на невработените со работодавачите има за цел проектот „Се бориме за секое работно место“ што денеска во Скопје го промовираа дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Аганцијата за вработување на РМ Влатко Поповски.

Активностите во рамки на проектот ќе се реализираат преку АВРМ и триесетте центри за вработување. Мотив за почување со реализација на овие активности, потенцира Спасов биле резултатите од претходните мерки и активности кои ги презела Владата, а кои придонеле невработеноста да се намали на, како што рече, најниско ниво од 25,5 проценти

– Целта е да допреме до сите активни баратели на работа да ги презентираме можностите кои ги има во приватниот сектор, отворените работни места, но и да се презентираат 28 мерки од оперативниот план за вработување за 2016 година за кој се планирани околу 710 милиони денари и преку кој очекуваме да се реализираат над 8.700 вработувања, истакна Спасов.

Очекуваме, додаде тој, со овие активности да ја зголемиме информираноста и на компаниите за можностите кои ги имаат од државата, да добиеме повратни информации од нив кои и какви слободни работни места има во државата а може да ги пополниме.

– Во моментов во АВРМ има над 4.900 слободни работни места. Нашите инфрмации говорат дека има неколку стотици и илјадници работни места во компаниите кои работат на капиталните инфраструктурни проекти во Македонија, на изградбата на новите објекти, автопати, патишта, има неколку илјади слободни места во приватниот сектор, домашните и странските кои започнуваат со работа. Во зависност од квалификациите кои ги побаруваат овие работни места ќе ги нудиме на невработените лица, рече Спасов.

Појасни дека е предвидено да се продолжи со отворените денови на Агенцијата за вработување, но и посета на секоја општина со три тима во кои ќе бидат директорот на центарот за вработување и директорот на АВРМ и Спасов како дополнителен заменик министер.

– Ќе организираме форуми со работодавачи во кои ќе оствариме средба со компаниите од секоја општина, потоа форуми со млади невработени лица активни баратели на работа, со невработени од 30-40 години и форуми со повозрасни лица над 50 години кои исто така бараат работа, рече Спасов.

Информира и дека директорите на центрите за вработување ќе организираат кариерно советување и презентирање на мерките за невработени лица.

– Секој од нив, секој понеделник среда и петок ќе има отворени денови во кои ќе се сретнува со граѓани и ќе има презентации со кариерно советување со сите активни баратели на работа на територијата на општините кои ги покриваат 30-те центри за вработување, појасни дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика.

Оние кои имаат потреба од доквалификации и преквалификации, рече Спасов, да се вклучат во една од многуте обуки во 2016, оние кои имаат сопствена бизнис идеа и сакаат да се самовработат да се вклучат во мерката за самовработување, а оние кои сакаат да се вработат со помош на субвенционираното вработување да искористат некои од можностите кои ги нуди државата.

– Оперативниот план почнува на почетокот 2016 година и наша цел е да мотивираме што  е можно повеќе лица активни баратели на работа да се вклуат во нив, да ја искористат шансата и да побрзо стигнат до посакуваното работно место. Акцијата носи наслов „Се бориме за секое работно место бидејќи за нас секое работно место е битно и да се постигне едно вработување во денот во секоја општина тоа е успех, но нема да не задоволи и ќе продолжиме понатаму, рече Спасов.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека опреку овие активности ќе се направи обид директно и пластично да се обратат до сите кои бараат вработување и до компаниите кои имаат потреба од активни мерки и програми со кои ќе им се обезбеди соодветна работна сила.

– Овој проект не е само да се обезбедат соодветни работни места за луѓето, туку проект со кој сакаме да допреме до секој невработен кој има потреба од работно место, но и до оние кои во моментот немаат информација што нуди Република Македонија преку АВРМ и преку оперативниот план за вработување. Исто така, сакаме да допреме до сите компании кои се уште немаат информација што нудиме за нив да поразговараме и да ги понудиме услугите и можности, истакна Поповски.

Додаде дека ова е проект со кој ќе продолжи да се гради довербата меѓу АВРМ и невработените и работодавачите.