Антиќ: Татко ми никогаш не ме гледал на НБА натпревар

Во интервјуто тој зборуваше за своите кошаркарски почетоци, а исто така откри и некои занимливи факти за себе кои љубителите на кошарката не ги знаат.

Мајка ми беше ракометарка, но мојот татко беше професионален кошаркар во Југославија 14 години. Играше на позиција „тројка“. Исто така, мојот брат беше кошаркар, но замина во пензија рано. Тато имаше многу освоени трофеи и медали, но тие не постојат повеќе затоа што јас и мојот брат ги користевме како играчки. Во тоа време не знаевме што се тие. Мојот татко беше многу зафатен, често патуваше, па кога ќе се вратеше, ни се обраќаше со зборовите – добро, уништивте уште еден трофеј?! Епа, извини тато, ќе ти дадам еден од моите!, вели Антиќ.

Македонскиот корпулентен крилен центар открива дека започнал да се бави со кошарката затоа што неговите пријатели го направиле тоа. Исто така, тој откри и уште еден интересен факт – главен мотиватор во детството бил неговиот татко Зоран, но како професионалец, Антиќ го видел татко му на трибините околу десет пати. Исто така, Перо откри дека татко му никогаш не дошол да го гледа во НБА-лигата, иако таму настапуваше две години и испиша историја како првиот Македонец кој играл “зад големата бара”.

Почнав да играм со кошарка затоа што другите деца од моето маало играа. Видов дека другарите од соседството почнаа да играат, па си си реков „ајде, ако тие одат и јас ќе одам“. Ако не беше мојот татко кој ме притискаше и мотивираше да тренирам, немаше да бидам она што сум сега. Интересно е што тој има дојдено на само десет меча во кариерата затоа што е многу зафатен, јас бев две години во НБА-лигата, а тој не успеа да дојде да ме гледа, додава кошаркарот на Фенербахче.

За крај, тој откри дека нема да ги форсира своите деца да играат кошарка, затоа што би имале голем притисок во Македонија.

Нема да ги форсирам моите деца да играат кошарка, затоа што тие би имале голем притисок во нашата земја. Знаете, на Балканот вообичаено мора да бидете подобри од вашиот татко ако играте кошарка. Мојата кариера е на пристојно ниво, тие имаат притисок уште сега, заклучи тој.

Антиќ и Фенербахче се наоѓаат во ТОП16 фазата во Евролигата. Во првиот дел од натпреварувањето нашиот кошаракар одигра десет средби и во просек мина 19 минути на паркетот за кои постигна 6.8 поени по меч и додаде уште четири скока. Вреди да се напомене дека Антиќ е и единствениот Македонец кој има освоено два трофеја во Евролигата – во дресот на Олимпијакос во 2012 и 2013 годинa.