ЗПММ бара корекција на тарифникот за регионалните и локалните медиуми

Здружението на приватни медиуми на РМ (ЗПММ) денеска соопшти дека бара итна корекција на тарифникот, кој е дел од измените и дополнувањата на Законот за авторско право и сродни права, донесени по скратена постапка во август 2015 година.

Од ЗПММ велат дека се мнозинското здружение во државава, во кое членуваат над 80 проценти од сите медиуми и оти за носењето на измените не биле консултирани и се донесени без да се разгледаат и уважат барањата на нашите членови.

Начинот да се плаќа износ ограничен во плати и тоа 18 просечни плати за медиуми кои работат на државно ниво, 12 просечни плати на регионално и шест на локално шест за Здружението е само делумно прифатлив.

– Ова, пред се` поради фактот што ако 18 месечни просечни плати се однесуваат на два милиони гледачи и слушатели, како е утврден износот од 12 месечни просечни плати за регион кој максимално изнесува до 250.000 потенцијални гледачи и слушатели што изнесува една десетина од популацијата и надоместокот е реално непропорционален. Локалните медиуми често работат и со публика од 15-30.000 гледачи и слушатели. Ако се има предвид дека лиценцата за работа се наплаќа врз основа на број на жители на регион, неспорно може да се утврди колкава е покриеноста на регионално и локално ниво и на тој начин очигледен е несразмерот помеѓу висината на надоместокот на државно, регионално и локално ниво и на ваков начин директно ни се нанесува сериозна штета, се вели во соопштението.

Според првичните проценки кои ги направија службите на ЗПММ регионалните и локалните медиуми на овој начин ќе плаќаат скоро двојно повеќе од износите кои ги плаќаат сега на годишно ниво на име на авторски права.  Наједноставен начин на кој може да се стави ред во овој сегмент, според нив, е надоместот да се пресметува врз основа на нето добивката која произлегува од завршната сметка во Управата за јавни приходи на РМ.

Со оглед на законската обврска за емитување одреден процент на македонска музика на медиумите во РМ, а поради бројката на авторите и делата кои се забранети и опфатени со одлуката, според ЗПММ медиумите во РМ нема да можат во целост да ја исполнат законската обврска да емитуваат квалитетна македонска музика од 1 јануари 2016.  Тоа пред се е поради премалиот број песни кои останаа и кои можат да се емитуваат,  соопштуваат од ЗПММ, од каде бараат од соодветните законски институции да им обезбедат услови за да може да ги исполнат законските обврски за заштита, промоција и негување на македонската музика. Во спротивно, најавуваат дека како Здружение, ќе ги повикаат нивните членови на бојкот и комплетно повлекување на македонската музика од програмата на медиумите, се` до комплетно средување на работите и односите во оваа област.