НБА: Џордан со емотивна порака до Коби, Кари и Марјановиќ играчи на вечерта

Најголемиот играч во историјата на НБА лигата и кошарката воопшто Мајкл Џордан на најубав начин го испрати својот легитимен наследник во кошаркарска пензија.

Се разбира, станува збор за Коби Брајант кој ноќеска последен пат во кариерата гостуваше кај Шарлот како активен играч.

Џордан е сопственик на Хорнетс, па при претставувањето, церемонијата запре за преку големиот екран Коби да ја добие пораката од својот најголем идол и човекот кого многу пати се обидуваше да го копира. Зборовите на Џордан допреа до срцата на присутните во арената, па имаше и такви кои пуштија солзи.

Ти честитам на фантастичната кариера, се сеќавам уште при првиот наш дуел дека во твоите очи видов една искра која знев дека ќе те однесе на врвот. Шарлот и ти сте во специјална врска, сите знаеме дека ти на драфтот беше избран од овој тим, а останатото е историја. Низ текот на годините, за тебе бев како постар брат и би сакал да ти посакам многу среќа во следната етапа од животот. Ти беше од голема помош за кошарката и среќен сум за сите свои достигнувања во кариерата. Ако ти требам некогаш, го знаеш мојот број, слободно побарај ме. Уживај и со нетрпение ја очекувам следната етапа од твојот живот, порача, меѓу другото, Џордан.

А, потоа, следуваше неверојатна еуфорија од присутните во арената во Шарлот. Коби доби поголем аплауз од сите кошаркари на домашниот тим, навивачите останаа на нозе долго време сакајќи последен пат да го поздрават еден од најдобрите играчи во историјата на НБА. Коби не разочара, постигна 20 поени иако имаше шут од поле 5/20, но Лејкерс загубија со 98:108.

Стеф Кари уште еднаш ја покажа својата големина, со блесокот во финишот од првото полувреме против Сакраменто.

Ѕвездата на Голден Стејт беше без релизација се до три минути пред крајот од полувремето, а потоа за 180 секунди стигна до бројката од 17 постигнати поени.

Погледнете како изгледа кога Стеф Кари ќе влезе во ритам…

Сан Антонио Спарс ја забележа и 18-та победа во низа на домашен терен, овојпат над Минесота со 101:95.

Главната улога на овој меч сосема неочекувано му припадна на Бобан Марјановиќ.

Тренерот Попович реши да му даде заслужен одмор на ветеранот Тим Данкан, што само по себе значеше шанса за Марјановиќ, можност за докажување што “српскиот џин” немаше намера да ја пропушти.

Имено, центарот на Сан Антонио го заврши натпреварот со 17 поени за 14 минути игра, и тоа со стопроцентен шут од поле (7/7).



НБА Резултати:

Шарлот – ЛА Лејкерс 108:98
Мајами – Бруклин 105:111
Орландо – Њу Орлеанс 104:89
Индијана – Атланта 93:87
Сан Антонио – Минесота 101:95
Феникс – Кливленд 97:101
Јута – Филаделфија 95:91
Далас – Милвоки 103:93
Чикаго – Торонто 104:97
Вашингтон – ЛА клиперс 91:108
Голден Стејт – Сакраменто 122:103.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.