Анекси на актуелни договори за релаксирање на казнени одредби за аптеки

По завршување на преговорите со Лекарската и Стоматолошката комора кои резултираа со изработка на нови анекси на договори кои нудат поволности на лекарите и стоматолозите, Фондот заедно со Фармацевтската комора ги разгледа можностите за релаксирање на казнената политика за аптеките.

Како резултат на преговорите со Фармацевтската Комора се изготвија нови анекси на договорите за 2016 година за аптеките. Фондот овие измени ги направи со цел максимално да се олесни секојдневното работење на фармацевтите и аптеките, како и релаксирање на казнената политика и намалување на договорните казни, согласно Владината политика, велат од ФЗОМ.

Фондот смета дека со подобрување на сегашните договорни одредби, ќе се овозможи поголема фармацевтска грижа за осигурениците, генерално порелаксиран однос на фармацевтите кон Фондот и намалување на обврските кои непотребно ги оптоваруваа фармацевтите. Со новите анекси на договорите се овозможува подобро планирање на времето на фармацевтите без да остануваат секојдневно да средуваат административни работи по работното време. Воедно измените се во насока на унапредување на електронското работење. Измените на договорите го следат трендот за добивање на поквалитетна фармацевтска услуга и поголема грижа за пациентите.

Сумирано, новите анекси на договори предвидуваат намалување на осум договорни казни од ½ месечен надоместок во опомена, но само за првиот констатиран прекршок. Доколку истиот прекршок се повтори тогаш ќе се изрече казна од ½ надоместок; Бришење на 5 договорни казни. За две раскинувања на договор како што досега беше предвидено, со новиот анекс се предвидува само парична казна како и две договорни казни од 1 месечен надоместок се намалуваат во ½ месечен надоместок.

Со повеќе измени во здравствениот систем и со воведување на нови електронски алатки и електронска поврзаност на аптеките со Фондот, констатиравме дека некои обврски непотребно ги оптоварувале фармацевтските тимови во аптеките и затоа пристапивме кон релаксирање на тие договорни казни кои најчесто се од административна природа. Колку за илустрација, казните кои ги бришеме се однесуваат на секојдневното зачувување на податоците- тоа сега се врши автоматски, набавка на компјутерска опрема и интернет-сега аптеката не може да работи без компјутер и интернет (освен во утврдени случаи), значи се бришат одредби кои биле актуелни во минатото, а сега само го оптоваруваат работењето на фармацевтите и се секојдневна рутина.

Воедно, како заштитен механизам за осигурениците, воведуваме две нови обврски кои се однесуваат на тоа дека:

  • Аптеката мора да издаде лек на осигуреник доколку го има на полица во рамки на својата квота;
  • Да издава фискална сметка на која ќе се види целосниот износ на лекот, партиципацијата и доплата доколку има ќе започне да важи од 1.4.2016.

Со оваа одредба секој ќе може на лице место да види дали правилно му е наплатена партиципацијата и се исклучува каква било можност за евентуална манипулација, затоа што во секоја аптека на видно место е истакната скалата за наплата на партиципација за лекови на рецепт.

Овој  анекс на договорите за 2016 година е прифатен од  Фармацевтската Комора на Македонија, за кој изразија задоволство од новините и олеснувањата, а воедно го препознаа овој анекс како добра волја од страна на Фондот да им излезе во пресрет на фармацевтите и аптеките.

Анексите на договорите, Фондот ќе ги склучи со здравствените установи во електронска форма, преку користење на електронскиот потпис, што е олеснување за здравствените установи кои штедат време, пари и човечки ресурси и сега работата ја вршат од канцеларија.

Подетално олеснувањата се однесуваат на следните сегменти:

Се  бришат пет договорни казни:

  • Едната е доколку здравствената установа не води уредна евиденција или не врши заштита на електронските податоци;
  • Втората се однесува доколку работи спротивно на договорот за што не е предвидена казна. Сметавме дека за нешто што после 18 години постоење на договори со здравствените установи, не сме го предвиделе, за такво нешто не треба да биде казнета аптеката.
  • Третата се однесува доколку здравствената установа до крајот на денот не врши компјутерска обработка на рецептите за издадените лекови на товар на Фондот во истиот ден;
  • Четвртата е, доколку здравствената установа нема обезбедено или не го користи бар код читачот; и
  • Петата е доколку здравствената установа , во договорениот рок, не изврши набавка или измени на компјутерската опрема и интернет поврзување.

Се намалуваат осум договорни казни кои наместо 1/2 надоместок во новите анекс договори предвидуваат опомена (само за првиот прекршок, доколку се повтори казната останува) :

  • Доколку здравствената установа не ги доставува бараните податоци до Фондот согласно овој договор во утврдениот рок;
  • Доколку не води уредно финансиско и материјално книговодство во согласност со законските прописи;
  • Доколку не го евидентира издавањето на лекот во здравствената легитимација на осигуреното лице;
  • Доколку списокот на лекови без доплата не е испечатен минимум во А3 формат преземен од веб страницата на Фондот и истакнат на видно место читливо за осигурените лица;
  • Доколку здравствената установа нема требувано лек без доплата од лековите дадени во образец ГЛБД или нема доказ за причини поради кои лекот не е доставен од страна на производителот или дистрибутерот;
  • Доколку во рок од 20 дена здравствената установа писмено не го извести Фондот за какви било промени (статусни, седиште и др,);
  • Доколку во рок од 20 дена здравствената установа писмено не го извести Фондот за промена на фармацевтскиот тим;
  • Доколку здравствената установа од сите лекови кои ги требува според потребите на осигурениците, не обезбеди лекови без доплата.
  • Се намалуваат две еднострани раскинувања на договори кои преминуваат во договорна казна од три месечни надоместоци доколку здравствената установа не овозможи вршење на контрола од страна на Фондот и доколку здравствената установа по склучување на договорот изврши промена во осигурувањето пократко од полното работно време на дел од фармацевтскиот тим.
  • Олеснување на две договорни казни кои од едномесечен надоместок преминуваат во една половина од месечниот надоместок, во случај доколку здравствената установа не издаде лекови на странски осигуреници и во случај кога наплатува партиципација спротивно на важечките прописи не ја евидентира во компјутерската програма и не издава фискална сметка за наплатена партиципација, како и фискална сметка за издаден лек со доплата.

 

 

За потсетување, ФЗОМ склучува договори со аптеки за издавање лекови на рецепт. Во моментов, ФЗОМ има склучено договори со вкупно 772 се аптеки, од кои: 68 се аптекарски станици, 6 се подвижни аптеки и 3 се рурални аптеки. Буџетот на Фондот за лекови на рецепт за 2015 година е 2.465.000.000 денари. Согласно податоците на Фондот за лековите на рецепт, за 10 месеци се реализирани 17.424.010 рецепти.