ВМРО-ДПМНЕ: Кирацовски застана пред камерите и повторно не се прослави

Александар Кирацовски, вториот човек во Министерството за Информатичко Општество и Администрација втор пат застана пред камерите и повторно не се прослави. Кирацовски повторно се покажа како неискусен и слаб познавач на законската рамка што ги уредува надлежностите на министерството во кое тој ја има улогата на дополнителен заменик министер, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кирацовски уште еднаш пропушти прилика да се огради од најавите на неговиот лидер Зоран Заев кој најави дека ќе ја брка од работа администрацијата која не е по мерак на СДСМ.

Наместо како заменик министер, согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа, да работи во интерес на министерството кое го претставува, да организира и обезбедува законито и ефикасно работење, да го штити угледот на министерството и на јавната администрација, тој од службените простории на Министерството, пред медиумите ги најавува следните чекори на пратеничката група на СДСМ во Собранието на Република Македонија.

Кирацовски најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе закон во Собранието на Република Македонија со кој ќе го одложи оценувањето до 2017 година.

За разлика од СДСМ и Кирацовски кои предлагаат решенија за еднократна употреба, со надеж дека ќе соберат ситни политички поени, ВМРО-ДПМНЕ има системски приод во реформата на јавната администрација.

Новите закони за администрација се резултат на сериозни анализи на состојбите во изминатиот период, јавни расправи и консултации со сите засегнати страни, добри европски практики и соработка со странски и домашни експерти.

Ова не се само козметички промени какви што СДСМ заговара во предизборниот период, а на штета на квалитетот на човечките ресурси во администрацијата и на штета на граѓаните кои очекуваат подобри и поефикасни услуги од јавната администрација.

Циклусот на оценување согласно Законот за административни службеници почна во декември претходната година, а завршува во декември следната година и опфаќа повеќе фази како утврдување на работни задачи, полугодишно интервју, минимум 5 генерички обуки, посебна процедура за слаб учинок, менторство, дополнителни обуки и четиристрано оценување по моделот 360 фидбек, согласно пропишаната рамка на компетенции.

Доколку во целост и во законските рокови не се почитува постапката, законот гарантира правна заштита на службениците. Јасно е дека целта на законот не е ниту наградување, ниту казнување по секоја цена, туку унапредување на работењето на службениците, мотивација на најдобрите и можност за подобрување на помалку ефикасните.

Имајќи предвид дека новиот закон односно мерењето на учинокот се применуваат од февруари 2015-та година, поради што не можеа да се запазат законските рокови за процедурите наведени претходно, мерките за одличен и слаб учинок во процедурата за оценување за 2015-та не можат да бидат изречени.

ВМРО-ДПМНЕ работи во интерес на граѓаните, за разлика од СДСМ кој работи само на собирање ситни поени со лаги и манипулации. Затоа СДСМ губи 10 години по ред. Затоа СДСМ повторно ќе загуби за 116 дена.

Рејтингот од 33,3% во полза на ВМРО-ДПМНЕ и трагични 14,7% поддршка за СДСМ го потврдуваат тоа. Затоа СДСМ е нервозен. Меѓутоа бегање од судот на народот нема, колку и да е СДСМ депримиран поради крахот на Фабриката за афери, нивната последна сламка на спасот.

На 24 април казната за СДСМ од народот ќе биде драстична, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.