Чаир ќе ги замени старите службени возила со електрични

Чаир ќе ги замени старите службени возила со електрични
Чаир ќе ги замени старите службени возила со електрични

Советот на општина Чаир, на предлог на градоначалникот Изет Меџити, донесе одлука за замена на целокупниот возен парк на општината со нови еколошки возила на електричен погон. На оваа одлука ѝ претходеше анализа која покажа дека замената на постојните службени возила на општината со нови ќе има реални продобивки за општината и жителите на Чаир. Имено, новите електрични возила ќе бидат корисни за животната средина, бидејќи не ја загадуваат околината, а истовремено се и поекономични, со што се овоможува заштеда на средства од општинскиот буџет, кои ќе бидат пренаменети за реализација на други приоритетни проекти.

„Со оваа одлука сакаме да дадеме пример за тоа како може да се делува во насока на долгорочно унапредување на животната средина, а особено на квалитетот на воздухот што сите ние го дишеме. Свесен сум дека со само една активност невозможно е да се постигнат посакуваните резултати, но и малите чекори водат кон решението”, изјави градоначалникот на Чаир Изет Меџити, најавувајќи дека набрзо општината ќе го постави и првиот полнач за автомобили на електричен погон, кој покрај новите општински автомобили, ќе можат да го користат и граѓаните кои ќе одлучат да набават вакви возила.

За да се омасови оваа иницијатива и да се подобрат состојбите преку елиминирање на еден од главните причинители на загадувањето на воздухот – сообраќајот, Меџити најави покренување на иницијатива до Градот Скопје и во ЗЕЛС за проширување на оваа активност, особено во делот на инсталирање на полначи за електрични автомобили на јавен простор, со што ќе бидат исполнети предусловите за нивно користење.

„Постапката на продажба на постојните службени возила на општина Чаир е во тек, а јавната набавка за пет нови електрични возила ќе биде објавена по 15-ти јануари, односно откако законски ќе стапи на сила новиот општински буџет”, објасни претседаталот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеш.

Оваа активност е дел од долгорочната платформа „Нека биде чисто. Заедно за Чаир”, која започна оваа година, а во чии рамки се реализираат голем број активности за унапредување на животната средина на територија на општина Чаир, како што се акции за чистење на јавните површини, садење дрва и проширување на зелените површини, хортикултурно уредување и друго.