Спасовски претпочита друштво на криминалци

Технички назначениот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски претпочита друштво на криминалци, покажуваат последните постапки на генералниот секретар  на СДСМ со кои унапредува лица осудени на затворска казна, пишува Курир.

Откако пред неколку дена во јавноста се појавија фотографии на Спасовски со еден од осомничените во „Фабриката за афери“ на СДСМ, Аднан Сума, кој патем напиша дека Спасовски бил прекрасен човек, во текот на вчерашниот ден медиумите објавија уште еден скандалозен потфат на Спасовски со кој се унапредува лице осудено на три годишна затворска казна.

Кирил Соколов, кој од вчера доби унапредување во главен инспектор во Одделение 2 во Сектор 2 во Оддел за заштита на уставното уредување и спротивставување на тероризмот е лице кое е осудено на казна затвор во времетраење од 3 години. Сега Спасовски го наградува со унапредување од причини кои се уште не се познати.

Соколов во мега случајот „Шпион“ е осуден за кривично дело шпионажа по член 316 став 3 од кривичниот закон на Македонија во чиј текст стои дека „Тој што ќе стапи во странска разузнавачка служба, ќе прибира за неа податоци или на друг начин ќе ја помага нејзината работа, ќе се казни со затвор од една до десет години.“

oliver1

Во аферата „Шпион“ беа обвинети 19 лица. Освен за шпионажа и оддавање државна тајни, дел од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба. Обвинителството докажа дека дел од нив контактирале и одржувале средби со политичари, пратеници и министри од кои прибирале информации за важни политички прашања за кои биле заинтересирани странските разузнавачки служби.

Неодамна во јавноста излегоа и фотографии на Спасовски со Аднан Сума, еден од осомничените фалсификатори со 19 кривични дела зад себе. Медиумите веќе пишуваа дека третоосомничениот Сума, кој има неколку фотографии во прегратки со Спасовски, во скопското подземје важи како прв и најдобар фалсификатор во државата. Против него во 19 наврати се поднесувани кривични пријави за најтешки дела.

Меѓу делата што му се ставале на товар во минатото се пријава за убиство уште во 80-тите години, разбојништво, тешки кражби, кражби на возила, насилничко однесување, загрозување во тепачка со опасно орудие, обљуба или противправен блуд и други тешки кривични дела. Исто така, меѓу делата за кои е гонет Сума се и фалсификување  на шенген визи, како и фалсификување на лажни патни исправи за мигранти. Токму за овие дела Сума бил уапсен во 2008 година со уште двајца свои соработници.