2.000 деца од семејства во социјален ризик ќе имаат можност за бесплатно летување

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов информира дека денеска е распишан јавниот повик за бесплатен летен одмор за дечињата од социјално загрозените семејства. Огласот ќе трае до 20. јуни, а предвидено е оваа година правото на бесплатно летување да го искористат 2.000 дечиња.

-Од денес до 20. јуни сите заинтересирани можат да се јават на распишаниот оглас за бесполатно летување за децата од социјално загрозените семејства. Бесплатниот летен одмор се однесува на деца од семејствата корисници на социјална или постојана парична помош, децата и младинците со пречки во развој до 26 години, како и децата од семејствата корисници на детски и родителски додаток, истакна министерот Спасов.

 

Тој додаде дека бесплатното летување ќе трае седум дена, односно дека опфаќа шест полни пансиони и бесплатен превоз до дестинацијата.

Спасов информира дека за една година за бесплатните одмори се обезбедени колу 8 милиони денари, а конкретно за летувањето околу 5 милиони денари.

Тој потенцира дека од почетокот на спроведувањето на проектот правото на бесплатен одмор го искористиле околу 12.000 дечиња, а оваа година обезбедени се средства за бесплатно летување на 2.000 деца.

-Проектот се спроведува од 2012 година. Досега право на бесплатен летен и земски одмор имаа околу 12.000 дечиња, од кои 8.000 го искористија правото на летен и околу 4.000 на бесплатен зимски одмор, нагласи Спасов, кој додаде дека се очекува првите групи да заминат на бесплатно летување на почетојот на јули, а последните кон крајот на месец август.