20 стипендии за студии на „СИТИ Колеџ“ во Солун за академската 2016/2017

По седми пат годинава се обновува протокол за соработка кој предвидува доделување на 20 стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус на Извршната програма за бизнис и администрација при „СИТИ Колеџот“- Меѓународен факултет во состав на Универзитетот Шефилд од Велика Британија, лоциран во Солун, Република Грција.

Документот денес го потпишаа заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и директорот на „СИТИ Колеџот“ во Солун, Јанис Верверидис со што продолжува успешната соработка преку која до сега се обезбедени вкупно 120 стипендии за македонските граѓани.

За академската 2016/2017 година се доделуваат стипендии за насоките: општ менаџмент, маркетинг, финансии, менаџмент во логистика, менаџмент во здравство и менаџмент на човечки ресурси.

Стипендијата целосно ги покрива трошоците за уписнина, додека патните трошоци, сместувањето и другите животни трошоци се на товар на кандидатот.

Заинтересираните кандидати потребно е да поднесат пријава до Министерството за образование и наука најдоцна до 31 мај 2016 година. Повеќе информации за критериумите и процесот на пријавување се достапни во објавениот конкурс.