Бесплатно летување за 2000 деца од социјално загрозени семејства

Продолжува „Проектот за бесплатен одмор  и рекреација на деца од семејства во социјален ризик”. Утре излегува јавниот повик на кој сите заинтересирани родители – корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и посебен додаток можат да аплицираат за користење на оваа услуга. Бесплатен летен одмор ќе користат и децата без родители и родителска грижа кои се редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение.

Летово, бесплатен одмор во Охрид ќе добијат 2000 деца. Досега вкупно 6000 дечиња посетиле бесплатен летен и зимски одмор.

„Услугата ќе се користи во текот на летниот распуст во смени од по 7 дена, почнувајќи од 1 јули 2014 во сместувачките центри на Охридското езеро. Бесплатниот одмор и рекреација за деца опфаќа 6 полни пансиони  (ноќевање со три оброка дневно) и едукативни, забавни и спортски активности. Децата со пречки во развојот корисници на посебен додаток имаат право на придружник за време на одморот”, посочи Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој воедно најави дека проектот ќе продолжи да се реализира и во наредните четири години, така што на годишно ниво 2.000 деца ќе користат бесплатен летен одмор, а 1.000 деца бесплатен зимски одмор.

Сите заинтересирани родители треба да поднесат барање до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење, до 27 јуни. Детални информации можат да се добијат и на веб-страницата Министерството за труд и социјална политика.