понеделник, 22 мај 2017  |  Вести денес: 35

Спасески: Годинава се изградија 56 спортски објекти

Имавме одлична динамика на реализација на сите капитални проекти, бидејќи вложувањето во спортската инфраструктура е еден од приоритетите на оваа влада, посочи директорот на АМС, Марјан Спасески.

Спасески: Годинава се изградија 56 спортски објекти

Спасески: Годинава се изградија 56 спортски објекти

Поврзани вести

2015-та година беше една од најуспешните за Агенцијата за млади и спорт. Беа реализирани огромен број проекти, од кој бенефит видоа спортистите, спортските работници, младите луѓе и сите граѓани.

Во делот на капиталните инвестиции, ја имавме можеби најуспешната година досега со реализација и изградба на вкупно 56 спортски објекти низ целата држава.

Имавме одлична динамика на реализација на сите капитални проекти, бидејќи вложувањето во спортската инфраструктура е еден од приоритетите на оваа влада.

Од проектот за изградба на 35 спортски сали, досега 33 се изградија, а последните 2 се во фаза на градба. Дополнително, во 2015 година ги започнавме со градба  и двете нови спортски сали во Домот за деца без родители “11-ти Октомври” во Капиштец и во општината Шуто Оризари, кои ќе се изградат во текот на годинава.

Сериозен напредок имавме и во реализацијата на проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава. Имено, досега се изградени вкупно 56 игралишта, од кои 19 се изградија во 2015 година. Дополнително, минатата година започнаа да се градат 15 нови игралишта, кои ќе завршат со градба до средината на 2016 година.

Во насока на приближување на “белиот спорт” до граѓаните интензивно ги градиме и тениските терени насекаде во Македонија. Досега, од вкупно 120 тениски терени кои се предвидени во Програмата на Владата, Агенцијата за млади и спорт изгради вкупно 74, од кои само во 2015 година беа изградени 35 тениски терени (14 двојни и 7 единечни). Годинава, интензивно продолжуваме со градба на нови 18 терени, кои ќе бидат ставени во функција за сите граѓани, кои ќе сакаат рекреативно и професионално да спортуваат.

Покрај тековните типски проекти, Агенцијата интервенираше и изврши санација на спортските игралишта во селата Октиси и Нерези во Струга, а ги реконструира и фудбалските игралишта во струшко Мороишта и во скопско Љубанци.

Она по што ќе биде обележана 2015 година е почнувањето со градба на затворениот пливачки базен во Охрид, кој ќе биде со ватерполо димензии и кој ќе ги реинкарнира спортовите по кои Охрид беше препознатлив, а тоа се пливањето и ватерполото. Станува збор за капитален проект, за чија реализација се издвоени околу 5 милиони евра од буџетот на Агенцијата за млади и спорт и кој очекуваме да заврши со градба до 2017 година.

За сите овие проекти, во 2015 година од буџетот на Агенцијата се издвоија околу 210 милиони денари, но она што е особено важно е фактот што за оваа година буџетот за капитални инвестиции на Агенцијата е двојно зголемен, што уште еднаш докажува дека спортот и спортската инфраструктура се во фокусот на работа на оваа влада.

Годинава со уште позасилена динамика ќе продолжиме со реализација на типските проекти, по кои е препознатлива Агенцијата, како изградба на нови спортски сали, повеќенаменски и тениски терени, како и реконструкција на веќе постоечки спортски капацитети. И сето тоа, со една и единствена цел, да се создадат нови спортски ѕвезди, кои ќе ја претставуваат Македонија на европските и светски натпреварувања, но и за развој на спортот и здравиот начин на живеење.

Кога сме кај спортот, во изминатата година продолживме со директнатаподдршка на професионалните спортисти, стручните лица и сите спортски работници. За младите и талентирани спортисти обезбедивме 500 стипендии “Спортска надеж”, а вo насока на поддршка на училишниот и масовниот спорт и во 2015 година, најдобрите 300 ученици од училишните спортски игри беа наградени со бесплатно летување во Охрид на “Училишниот спортски камп”, каде имаа можност да се дружат со нивните спортски идоли.

Продолживме и со валоризација на успесите на македонските спортисти, кои постигнале врвни резултати во странство, со доделување на стипендиите од меѓународна и светска категорија, како и на Националното спортско признание, популарната “Спортска пензија”. Ја доделивме и државната награда за остварувања во областа на спортот “8-ми септември” на 5 врвни спортски великани за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Македонија на меѓународен план. Добитник на наградата за животно дело беше нашата кошаркарска легенда, Лазар Лечич, но награди добија и тренерски легенди и спортски работници Љупчо Стојчевски, Руждија Калач, Здравко Дејановиќ и постхумно легендата на македонското карате и првиот селектор на една македонска репрезентација по осамостојувањето, Димче Кичевски.

Она што е особено значајно во делот на поддршката на спортските работници, а особено на тренерите е нивното континуирано стручно усовршување. Во таа насока, од минатата година за прв пат започнавме и со реализација на проектот “Стручна специјализација на македонски тренери во реномирани светски центри”, со кој досега опфативме 11 тренери од вкупно 7 колективни и индивидуални спортови, кои поминаа соодветна обука со примена на новите тренажни технологии. Овој проект планираме да го прошириме и од годинaва да го надградиме, а како една од обврските која се наметнува кон тренерите кои ќе посетуваат ваква стручна специјализација е потоа да одржат обуки со останатите тренери во федерацијата и да ги пренесат стекнатите знаења.

Во фокусот на нашето внимание, покрај спортистите, учениците и студентите се и наставниците по физичко и здравствено образование, за кои и во 2015 година се спроведе проектот за нивно континуирано усовршување, со кој беа опфатени околу 1.000 наставници од основното и средното образование.

Крајот на 2015 година го одбележа еден од најновите и најзначајните проекти на Агенцијата за млади и спорт, а тоа е именувањето на првите “Амбасадори на спортот”. Владата, на иницијатива и предлог на АМС донесе одлука со која ги именуваше првите македонски спортски амбасадори: Кирил Лазаров во Кралството Шпанија, Андон Дончевски во Австралија, Агим Ибраими во Република Словенија и Јошко Миленковски во Република Турција, како значајни личности кои придонесуваат за меѓународна промоција и афирмација на Република Македонија.

Во делот на младите, продолживме со реализација на проекти со кои се потврдува нивната движечка сила како промотори на новите вредности во македонското општество. Како институција одговорна за креирање младински политики и поддршка на развојот на младите луѓе, во секој од чекорите кои ги преземаме, тежнееме кон инклузивност и соработка со младите. Правиме обид да ги консултираме, вклучиме и информираме.

Втора година по ред ги реализиравме проектите: “Млади поети” и “Млади уметници”, со што сакаме да ги стимулираме младите луѓе да творат, да бидат креативни и да придонесат во богатата македонска културна ризница. Одлична реакција имавме и за реализацијата на проектот „Најдобар млад програмер“ со кој ги стимулираме младите средношколци за продолжување на своето образование на техничките науки. Најдобрите кандидати добија парични награди од АМС и бесплатни стипендии за студирање на ФИНКИ, а имаа и можност во одлично светло да ја претстават нашата држава на Балканската и Светската Олимпијада по информатика и програмирање.

Успешно го реализиравме проектот “Урбан ѕид”, преку кој 10 општини добија локации, на кои младите луѓе можат креативно да творат и да цртаат графити, без притоа да оштетат некој јавен објект. Одлична соработка, минатата година имавме со 30-тина општини и во делот на креирањето на локалните младински совети, со што вкупниот број на вакви младински претставнички тела во Советите на општините се зголеми на околу 50-тина. Се креираа и неколку локални младински стратегии, а општините Гази Баба и Бутел се општините во кои минатата година успешно се реализираше овој проект.

Го промовиравме и веб-сајтот mladi.ams.mk, наменет за  младите луѓе кој содржи информации за значајните културни настани и манифестации, за обуки, пракса и вработување за младите, студентски попусти, но секако и опширни информации за проектите и активностите на Агенцијата за млади и спорт и другите институции. Во рамки на сајтот предвидена е можност младите луѓе да комуницираат со нашата институција, но и да ги достават своите идеи и предлози за активностите  и работата на Агенцијата за млади и спорт.

Еден од најголемите приоритети и предизвици со кои се соочивме минатата година, во позитивна смисла е изготвувањето на новата Национална стратегија за млади 2016-2025, која ја изготвивме во соработка и со поддршка на UNDP. Процесот започна на почетокот на 2015 година, во изработката беа вклучени сите заинтересирани страни, државни институции, младински и невладини организации, локалните младински совети во општините и преку стотина млади луѓе, кои директно учествуваа во креирањето на овој стратешки документ. Станува збор за еден од ретките документи во Југоисточна Европа, по однос на вклученоста земајќи ги предвид и специфично изработените алатки на социјалните медиуми преку кои значителен број млади ги дадоа своите мислења и предлози. Стратегијата во следниот период ќе влезе во Владина процедура и по нејзиното усвојување активно ќе  започне нејзината примена. Оваа стратегија се базира на определбата да се работи за и со младите и да се овозможат услови во кои младите ќе можат да го достигнат сиот свој потенцијал како активни граѓани кои придонесуваат не само за својот личен и професионален развој,  туку и за развојот на целото општество.

Најчитани вести