Ахмети: Видов добра волја кај Коѕиас за изнаоѓање компромисно решение за името

Решавање на името е приоритет на ДУИ, значајно е што побрзо да се најде компромисно решение, а земјата да се интегрира во НАТО и ЕУ, а тоа е перманентен ангажман на партијата – посочил претседателот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со Никос Коѕиас во грчкото МНР.
Тие разговарале за односите меѓу двете земји, а посебно се осврнале на прашањето за името, објави „Канал 5“.

Јас сум многу отворен и сите мислења и размислувања ги пренесувам и кај коалиционите партнери и видов готовност и добра волја од страна на министерот за надворешни работи на Р. Грција во правец на изнаоѓање решение, изнаоѓање компромисно решение. И оваа добра волја јас секако ќе ја пренесам во Скопје. Со надеж дека двете страни ќе имаат иста добра волја за решение, истакнал Ахмети.

Али Ахмети беше придружуван од вицепремиерите за евроинтеграции и спроведување на рамковниот договор, а посетата на Атина наиде на реакции од македонското министерство за надворешни работи во однос на тоа во кое својство лидерот на ДУИ се сретна со Коѕиас.

Ова е втора посета на Ахмети на Атина. Пред 2 години, во септември 2013 година се сретна со тогашниот шеф на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, но и со тогашниот министер за надворешни работи Аврамопулос.