АНАЛИЗА: Како да се спаси Либија од „Исламска држава“?

Бившата колонијална сила со големи економски интереси во Либија – Италија, постојано повторува дека е подготвена да предводи меѓународна мисија во оваа земја, ако тамошната власт го побара тоа. Претседателот на комисијата за одбрана, во италијанскиот Сенат, Никола Латоре, исклучува „какво и да е воено вмешување со цел на започнување војна“. Според него, учеството на Западот треба да се изрази многу бргу и тоа преку гарантирање на безбедноста на новата власт и преку обука на армијата.

Велика Британија официјално објави дека ќе испрати 1.000 свои војници од специјалните сили, кои ќе се спојат со контингентот од 6.000 европски и американски војници, за да помогнат во борбата против „Исламска држава“ во Либија. Тоа беше објавено по потпишување на спогодбата, на 17 декември 2015 година, под агендата на ООН, а која е одобрена само од едниот од двата сопернички политички блокови во либискиот парламент. Документот предвидува да биде формирана власт на национално единство, за да се стави крај на политичкиот и на воениот хаос во земјата. Според сценариото на Западот, новата власт ќе побара официјално помош од него.

Инаку, американски и британски војници веќе се стационирани во Либија, за да ја „оценат состојбата со безбедноста“.

– Решени сме да и’ овозможиме на власта на единството целосна политичка поддршка, како и помош од технички и економски карактер. Исто и во борбата против тероризмот и гарантирањето на безбедноста, соопшти официјален Вашингтон. Франција, пак, објаснува дека „ идејата е да се создадат меѓународни сили под мандатот на ООН“.

Париз веќе почна да си составува мала „библиотека“ благодарение на разузнувачките летови над позициите на „Исламска држава“, која контролира и непречено освојува територии на границата со Чад, и почнува свое стационирање од двете страни на либиско-туниската граница, информирал неименуван француски дипломат. Тој дополнил дека Франција може да помогне многу во гарантирањето на безбедноста на идната власт во Либија, како и за контролирање на мигрантскиот проток.

Француската армија, всушност, можеби ќе биде оптоварена премногу и прашање е дали ќе може да постигне, откако „Исламска држава“ мобилизираше 3.500 борци во Сахел и околу 900 во Централно-африканската република, а со оглед на тоа дека околу 10.000 француски војници се веќе рапсоредени насекаде низ земјата, за да спречат терористички напади, потенцира Жан-Венсан Брисе од Институтот за меѓународни и стратешки односи со седиште во Париз.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.