„Религија.мк“: Судриот меѓу Цариградскиот патријарх и Рускиот може да биде гибелен

Судриот меѓу Цариградскиот патријарх и Рускиот може да биде гибелен
Судриот меѓу Цариградскиот патријарх и Рускиот може да биде гибелен

Одржувањето на долго најавуваниот Собор на Православната црква е од нејзино исклучително значење. Евентуално неодржување на овој долго најавуван и подготвуван Собор ќе значи дополнително продлабочување на проблемите во Православието. Еминентниот верски аналитичар, универзитетскиот професор од Бугарија, Иван Желев, во интервју за Религија.мк, вели дека овој Собор е најсериозен предизвик за Православната црква, објави „Религија.мк“.

Ако овој Собор пропадне, тоа ќе значи дека системот на Православната црква не дејствува, не функционира. Тоа ќе биде исклучително лош сигнал, како кон клирот и народот на поедините православни цркви, така и кон надворешните за Православието цркви, религии и светски институции. Подобро ќе беше воопшто и да не се нафатевме на тоа пред 55 години, отколку сега да го напуштаме „насред пат“, како што велиме кај нас, вели за Религија.мк, универзитетскиот професор, Желев.

Главниот проблем е на релација меѓу Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Рускиот Кирил. Нивните претензии за превласт во православието го прават се уште неизвеснен овој Собор.

Првенството по чест и припаѓа на Цариградската, Вселенската патријаршија-патријархот на Цариград е primus inter pares, прв помеѓу еднаквите. Тоа првенство не се оспорува официјално и не би требало да се оспорува, затоа што таков спор ќе биде гибелен.

Навистина се покажува дека тоа првенство по чест, кое вклучува и право на иницијатива за општоправославните прашања (секогаш координација со другите поглавари на помесните православни цркви), создава проблеми во примената. Но, промената на тој режим може да означува две работи: или православна централизација по образец на Римската црква, или распад на единственото Православие на неопштење помеѓу црквите или на групи од такви цркви – сето ова се премногу погубни перспективи.

Професорот Желев смета дека денес Православната црква не умее да функционира во име на единството. Неодржувањето на собори на нависоко ниво повеќе од 1200 години е резултат на многу политички и општествени проблеми, но најмногу на самите луѓе во црквата.

 И кога на крај раководствата, Синодите на православните цркви решаваат да се свика таков Собор, се покажува дека животот во разединување не направил неспособни да работиме во единство, вели Желев.

Еминентниот професор, теолог и аналитичар од Бугарија, вели дека и да се одржи Вселенскиот собор, оваа 2016 година, тој нема да има никакво значење за признавањето на автокефалниот статус на МПЦ. Тоа ќе биде така се додека не се дефинираат внатре во православната црква односите за тоа кој и како ја доделува автокефалноста.

Целото интервју прочитајте го на „Религија.мк