Почнува вевчанскиот карневал

Почнува вевчанскиот карневал
Почнува вевчанскиот карневал
Во Вевчани започнува големата прослава за одбележување на празникот Василица, познат и како Стара нова година, во чии рамки традиционално се одржува и светски реномираниот фестивал на сатирата – вевчански карневал.

Годинава во рамки на оваа манифестација која ќе се одвива сѐ до 14 јануари, повторно нѐ очекува еден од најстарите фестивали под маски, надополнет со атрактивната и богата дводневна музичка програма. Музичката програма на Вевчанскиот карневал 2016 започнува вечерва (вторник, 12 јануари), а ќе се одржува и утре (среда, 13 јануари) со посебно подготвениот дочек на Старата нова година, кој ќе биде одбележан и со голем огномет.

Вечерва, програмата за големата василичарска прослава ќе ја отвори популарниот македонски изведувач „Слаткаристика”, а по неговиот настап на сцената во Вевчани ќе го пречекаме и еден од најпопуларните регионални бендови „С.А.Р.С.” кои гарантира незаборавна забава на вевчанскиот карневал, како и групата „Брас Брадерс” од Македонија.

Веќе утре следува најголемата атракција и изненадување на вевчанскиот каневал, резервирани со карневалската поворка и василичарите кои своите маски до последен момент ги чуваат во најстрога тајност. Со големото василичарско дефиле Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија. Во вечерните часови пак, во рамки на музичката програма, сцената во Вевчани е резервирана за ѕвездите на македонската народна музика: Есма Реџепова и Наум Петрески, како и групата „Инфузија” и „Перо Бели”.

Една од најголемите културни знаменитости во нашата земја, вевчанскиот карневал е подготвен да ги пречека бројните посетители во Вевчани сето завиено во својот автентичен и мистичен дух и со специфичната порака со која вевчанци ја испраќаат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува со векови и кој според своите специфични особини се одвојува од сите останати настани од овој тип во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

Вевчанскиот карневал се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.