Нов смртен случај од ебола во Сиера Леоне

Нов смртен случај како последица на ебола во Сиера Леоне.

Информацијата за смртта е само неколку часа откако Светската здравствена организација вчера прогласи крај на епидемијата на ебола во Западна Африка.

Крај на епидемијата на ебола во Сиера Леоне официјално беше прогласен уште на 7. ноември минатата година, а по Гвинеја на 29 декември, вчера, 42 дена по последниот регистриран случај, СЗО прогаси крај на епидемијата и во Либерија, а со тоа и во целиот регион на Западна Африка.

Но сега, како што јави Би-Би-Си, властите во Сиера Леоне информираа дека тестовите на примероци од едно дете што починало во северниот дел на земјата, покажале дека смртта кај него настанала како последица на инфицираност од вирусот на еболата.

Во соопштението на Министерството за здравство на Сиера Леоне не се посочува кога починало детето.

Портпаролот на Министерството, Сиди Јахја Тунис за Би-Би-Си изјави дека присуството на вирусот на еболата во примероците од детето, кое починало во округот Тноколили, го потврдиле британски епидемиолози.

Од појавата на болеста во декември 2013 година, во Сиера Леоне починаа речиси 4.000 лица, а во целиот регион над 11.300.

Вчера при прогласувањето на крајот на епидемијата на ебола во Западна Африка, СЗО предупреди дека во тој регион сепак се можни појави на изолирани случаи на болеста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.