сабота, 14 јануари 2017  |  Вести денес: 11

Апелација ја потврди пресудта за „Фаланга 2“

Меѓу обвинетите е и ексдиректорот на Управата за заштита на културно наследство, Паско Кузман, кој доби 3 години затвор за злоупотреба на службената положба

Апелација ја потврди пресудта за „Фаланга 2“

Апелација ја потврди пресудта за „Фаланга 2“

Поврзани вести

Апелациониот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда за случајот „Фаланга 2“, со која сите шеснаесетмина обвинети беа прогласени за виновни и дел од нив осудени на затворски, додека дел на условни казни. Меѓу обвинетите е и ексдиректорот на Управата за заштита на културно наследство, Паско Кузман, кој доби 3 години затвор за злоупотреба на службената положба, пишува „Академик.мк“.

Второстепениот суд жалбите на обвинетите ги одбил како неосновани, а ја преиначил одлуката на Кривичниот суд за четворица обвинети (Илчо Бојчевски, Коста Великов, Али Касум и Томо Илиевски) единствено во делот на имотно правното барање и ги задолжил да ја надоместат причинетата штета на буџетски средства на РМ и наложил да се конфискува имотната корист прибавена со кривичното дело.

Најголемиот дел од шеснаесетмината обвинети во овој предмет се товарат дека илегално ископувале артефакти и ги продавале.

Првообвинетиот, поранешниот раководител на Одделението за превенција во Управата за заштита на културно наследство, Бојчевски, кој беше најгласен во текот на постапката, беше осуден на затворска казна од седум и пол години за делата: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба,  тешка кражба и прикривање. Тој во своја одбраната тврдеше е жртва на лажен сведок и мета на одмазда токму поради тоа што успешно се справувал со нелегалната трговија со артефакти.  Според него, зад трговијата со артефакти во Македонија  стојат големи финансиски моќници кои се инфилтрирани во секоја сфера на општеството.

Другите обвинети, кои исто така се товарат дека биле дел од злосторничката група која се занимавала со трговија на артефакти, добија меѓу три и пол и шест и пол години затвор.

Последните неколку обвинети во овој предмет, меѓу кои и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, пак, се товарат за сосема други дела, а не за трговија со артефакти или прикривање. Кузман, според Обвинителството,  како директор на Управата за заштита на културното наследство ја злоупотребил службената положба  на начин што како директор на Управата за заштита на културното наследство им издал согласност на физички лица за изведување земјени работи на две локации со цел проверка на наводите за постоење културно–историско наследство. Во обвинителниот акт се тврди дека овој документ не е предвиден со законските и подзаконските акти на Управата.  Според Кузман, пак,  единствено Управата е надлежна за издавања согласност во вакви случаи.

Со првостепената пресуда, која беше донесена во јули 2014 година, на четири лица им беше изречена условна казна. Дел од обвинетите се наоѓаат во притвор и во казната им се засметува и времето поминато таму.

Најчитани вести