„50 нијанси сиво“ со шест номинации за „Златна малина“

„50 нијанси сиво“ со шест номинации за „Златна малина“
„50 нијанси сиво“ со шест номинации за „Златна малина“

Блокбастерот „Педесет нијанси сиво“ има дури шест номинации за најлош филм: за најлош филм, за најлош актер, актерка, режисер, сценарио и за најлоша комбинација на сценаристи. Филмовите „50 нијанси сиво“ и „Пиксели“ се меѓу фаворитите за наградата за најлоши остварувања во кинематографијата, „Златната малина“, со по шест номинации, а меѓу кандидатите за таа награда оваа година се нашле Џони Деп и Гвинет Палтроу, и повторно Адам Сендлер и Џенифер Лопез.

Ист број на номинации, вклучувајќи ја и таа за најлош филм и најлоша машка улога, имаат и филмовите „Јупитер во подем“ и „Пол Бларт полицаец од стоковната куќа 2“.

Филмот „Фантастичната четворка“ исто така е номиниран за најлош филм, како и за најлоши римејк/продолжение, сценарио, режија и актерска двојка.

На листата кандидати за најлоша машка улога се наоѓаат главните актери во тие филмови – Џејми Дорнан, Адам Сендлер, Ченинг Тејтум и Кевин Џејмс.

Во истата категорија е номиниран и Џони Деп, за филмот „Мордекај“, а за улогата во истиот филм номинирана е Гвинет Палтроу за најлоша актерка.

Деп и неговите залепени мустаќи се номинирани во категоријата најлоша актерска двојка.

За најлоша женска улога се номинирани Кетрин Хејгл за филмот „Доме сладок пеколу”, Дакота Џонсон за „50 нијанси сиво“, Мила Кунис за „Јупитер во подем“ и Џенифер Лопез за „Момчето од соседството“.

Главните актери во еротскиот трилер „50 нијанси сиво“ се номинирани и за најлоша актерска двојка, а за таа награда ќе се борат и главните ликови на филмот „Јупитер во подем“.

Адам Сендлер и кој било пар чевли во филмот „The Cobbler“, исто така можат да ја добијат оваа награда.

Номинациите за „Златна малина“, награда која постои од 1980 година, биле објавени пред завчерашните најави за номинациите за Оскарите.

Доделувањето на „Златна малина“ е покренато од американскиот писател на рекламни текстови и публицист Џон Џ.Б. Вилсон во 1981 година.

Една награда најчесто чини 4,97 долари и нејзиниот облик е малина со големина на топка за голф која се наоѓа на лента за филм од 8 милиметри, целата е напрскана со златна боја.