Доставена Предлог-одлука за распуштање на Собранието

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и ДУИ денеска до претседателот на Собранието доставија Предлог-одлука за распуштање на Собранието на РМ, која би се применувала од 24 февруари.

Пратениците, како што се наведува во барањето, со оглед на исклучителната важност на ова прашање, предлагаат предлог на одлуката да се разгледа на првата наредна седница на Собранието на Република Македонија. Исто така тие предлагаат оваа одлука да се применува од 24 февруари оваа година.

 Тргнувајќи од потребата за целосна имплементација на законите донесени од страна на Собранието на Република Македонија, а во насока на конечно завршување на политичката криза предлагаме донесување на оваа одлука. Исполнувањето на обврската за распуштање на Собранието е во насока на исполнување на чекорите кои партиите ги преземаа, а во насока на воспоставување стабилни односи во политичките процеси и економски напредок на Република Македонија, како и евроатлантските интеграции како врвен приоритет, се наведува во образложението што пратениците заедно со барањето за Предлог одлуката го доставија до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерите на коалициските партнери и лидерите од Коалицијата „За подобра Македонија“ соопштија дека донеле одлука врз основа на договорот од Пржино предвремените парламентарни избори да се одржат на 24 април оваа година. Исто така, попладнево треба да започне  собраниската седница на која се очекува да биде констатирано временото повлекување на премиерот Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.