четврток, 30 март 2017  |  Вести денес: 51

Советот на обвинители ќе бара отчет од Јанева

Ќе се бара отчет од Јанева како точно се одвивало примопредавањето и дали постои некаков пишан документ – листа за она што е примено во Специјалното јавно обвинителство.

katica-janeva-novi-prostorii-1

Поврзани вести

Советот на јавните обвинители најдоцна до крајот на неделава ќе одржи седница на која ќе се зборува за стручноста и постапката на специјалната обвинителка Kатица Јанева при примањето наводно материјали од незаконско прислушување од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потврдуваат извори од Советот, пишува Дневник.

На седницата се очекува да се донесе заклучок со кој ќе се бара отчет од Јанева како точно се одвивало примопредавањето и дали постои некаков пишан документ – листа за она што е примено во Специјалното јавно обвинителство.

На Јанева ќе и биде даден рок во кој ќе треба писмено да го извести Советот за сите детали од овој случај вклучително и законските одредби што биле искористени за таа да му ги побара снимките на Заев, но и административното водење на предметот во институцијата, како што се записници и слично.

Советот на јавните обвинители е единствениот орган што има право да ја цени стручноста во работењето на специјалната обвинителка откако со законот со кој таа беше именувана се изземени сите овластувања на редовното Јавно обвинителство на РМ, па Јанева нема обвинител кој е непосредно повисок од нејзе. Независното тело на обвинителите, како што потврдија и минатата недела, реши да побара отчет од Јанева откако таа самата, а претходно и Заев ги потврдија сомневањата во јавноста дека не постои записник за примопредавањето на 30 декември, што, според Законот за кривична постапка, е задолжително.

Откако ќе се добијат одговорите од Јанева, Советот на јавните обвинители ќе треба да реши дали ќе води дисциплинска постапка против обвинителката за несовесно и нестручно работење, што би можело да доведе до нејзино разрешување. Јанева, како што самата потврди пред една недела, свесно не составила записник од предавањето на материјалите од Заев бидејќи, според неа, за тоа немало потреба.

Според Законот за специјалното обвинителство, „Јавниот обвинител се разрешува од функција пред истекот на мандатот поради незаконско, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Ако Советот на јавни обвинители почне постапка за разрешување на Јавниот обвинител, Советот на јавните обвинители во разумен рок ќе достави извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување до Собранието на Република Македонија“. Собранието, со претходна согласност на четирите најголеми партии, треба да состави предлог за разрешување. Предлогот за разрешување Собранието го носи со двотретинско мнозинство плус Бадентер. Потоа парламентот ваквиот предлог му го доставува на Советот на јавните обвинители, а тој го врши разрешувањето.

Најчитани вести