СДСМ останува во Влада и Собрание, а нема да учествува на избори

Социјалдемократите решија партијата да остане во процесот од Пржино до 24. февруари, односно министрите да останат во преодната Влада, пратениците во Собранието, а да бидат вклучени и во работните групи под посредство на Ванхауте, каде би се пронашло решение за нов датум за избори.

По вечерашната седница на Централниот одбор на СДСМ донесена е одлука, партијата да остане во Собранието на Република Македонија, а министрите од редовите на СДСМ кои се во Влада да продолжат да работат до рокот кој што ВМРО ДПМНЕ го има дадено како рок за распуштање на парламентот.

Од опозициската партија велат дека нема да учествуваат на избори без слободни медиуми и без прочистен избирачки список.

Потоа социјалдемократите ќе ги кажат своите нови чекори. За време на седницата на ЦО, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов категорично кажа дека нема да учествуваат на изборите доколку тие се случат на 24 април, пишува Вечер.