Македонија,Политика

ВМРО-ДПМНЕ: Младите знаат кој беспоштедно се труди за подобрувањето на квалитетот на нивниот живот

СДММ своите соопштенија на тема непреземање проекти и мерки за студентите и младите лица треба да ги упати на адреса на нивните ментори од СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ во врска со спроведените реформи за младите лица и студентите.

СДСМ треба да им одговори на своите младинци зошто студентите беа тотално заборавени и потценети кога СДСМ беше на власт. СДСМ треба да им објасни на своите младинци зошто во времето на СДСМ младите лица, синови и ќерќи на 200-те илјади луѓе избркани на улица немаа ниту идеја за иднина во Македонија, работно место, можност за започнување бизнис.

СДСМ треба да им одговори и на својата младина и на јавноста зошто не закова ниту една шајка во студентските домови, зошто партиципацијата беше 1000 евра повисока во споредба со денес, зошто студентите немаа книги и учебници од најреномирани универзитети на македонски јазик, зошто немаа бесплатен превоз и зошто не можеа да се вработат како што можат сега со помош на проектот „Македонија вработува“.

Но СДСМ не знае да работи. СДСМ знае само да има циничен однос кон јавноста и граѓаните на Република Македонија, обидувајќи се со ефтини манипулации и проѕирни лаги да ја покрие сопствената неспобност и мрзеливост.

За разлика од нив, Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ реализира конкретни и мерливи активности и е единствената којашто направила сериозни инвестиции во насока на подобрување на студентскиот стандард во земјата, со досега вложени 250 милиони денари само за унапредување на инфраструктурните услови.

По цели 40 години, изградени се нови современи сместувачки капацитети, во состав на студентскиот дом Стив Наумов, за што се издвоени 103 милиони денари.

Во моментов во тек е темелна реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев, која се реализира етапно и во согласност со предвидената динамика. Активностите во блокот Б се целосно завршени и истиот е веќе вселен од студентите. Следен за реконструкција е блокот А, каде активностите ќе започнат во следните неколку денови – избраната фирма ќе го достави изработеното проектно решение за реконструкција на останатите блокови, мензата и партерот.

Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ започна и тригодишна набавка со која постојниот инвентар во сите студентски домови ќе биде заменет со нов.

Најважно, донесена е одлука за изградба на 3 целосно нови студентски домови, според сите современи инфраструктурни стандарди. Доколку СДСМ го ослободи своето седиште, кое некогаш припаѓаше на Министерството за образование и наука, би било идеално да се адаптира во уште еден, четврти студентски дом.

Во однос на системот на стипендирањето, ако во 2005 година на прсти можеа да се избројат видовите стипендии кои им беа достапни на учениците и студентите, во меѓувреме изграден е систем кој нуди повеќе од 40 различни видови стипендии, меѓу кои и стипендиите за студентите кои ќе се запишат на некој од најдобрите 100 универзитети во светот според Шангај.

Ако во 2005 година по основ на стипендии од државниот буџет биле издвоени само 235 милиони денари, за 2016 година се планира износ од 688 милиони денари, односно трикратно зголемен буџет за оваа намена.

По однос на воведувањето на државна квота во втор и трет циклус на студии на државните универзитети, Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ целосно стои на дадениот збор – во фаза на подготовка е новиот концепт на Законот за високо образование кој ќе ја обезбеди оваа бенефиција.

Студентите и понатаму ќе бидат приоритет на Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ и ќе се продолжи со инвестиции во унапредување на студентскиот стандард и на високото образование, преку отворање на нови факултети и студиски програми, нови лаборатории во рамки на јавните научни и високо образовни установи, превод на литература од којашто учат и студентите на врвните светски универзитети, проширување на можностите за стипендирање и слични конкретни мерки и проекти и нивна реализација која за СДСМ отсекогаш била непознаница.

Младите тоа го гледаат. Младите знаат кој навистина беспоштедно се труди околу нив и подобрувањето на квалитетот на нивниот живот на секое поле.