Делчево: Барања за огревно дрво до 15 март

Минатата година до жителите од  Делчево и Македонска Каменица се испорачани 36.000 метри кубни дрва, од кои 10.000 се набавени преку делчевската подружница на Македонски шуми. За затоплувањето на домовите сите порачани количини се доставени заклучно со ноември, информира директорот на Подружницата „Голак“, Јордан Димитровски.
– Лани во приватни шуми се поднесени 1.712 барања и извршена е ознака на дрвна маса од 26.000 метри кубни. Искористена е од страна на сопствениците на приватни шуми. Во државна шума извршена е сеча на 10 илјади метри кубни дрвна маса која е дистрибуирана до крајните корисници. Ова значи дека минатата година нашата подружница успешно го реализираше планот за работа, рече Димитровски.
За да не се повтори ланската слика и да нема доцнење во испораката на огревно дрво, од делчевската Подружница на Македонски шуми ги повикуваат граѓаните до 15 март да достават барања за огревно дрво.
Според Мирјана Поповска, шеф на сметководство во Подружница „Голак“ Делчево, во почетокот на минатата година до Подружницата биле доставени мал број барања и била многу мала заинтересираноста кај приватните сопственици на шуми за маркирање.
 Затоа ги информираме и ги повикуваме сите заинтересирани, најдоцна до 15 март да достават барања од интерес до Подружницата, и навреме да се направат договорите, рече Поповска.
Огласот објавен деновиве предвидува плаќање на договореното огревно дрво на осум рати за физички лица кои припаѓаат на ранливите категории, инвалиди и пензионери, а останатите на пет рати. Цената на огревното дрво и оваа година останува иста. 2.870 денари за кубик буково дрво од  прва класа, а за дабово 2.970 ден.
Лани во рамките на акцијата Гора на териоторијата на Делчево и Каменица се одземени 100 метри кубни дрва поради бесправна сеча и несоодветни документи

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.