ВМРО-ДПМНЕ: За СДСМ здравјето на граѓаните никогаш не било приоритет

Здравјето на граѓаните никогаш не било приоритет на СДСМ. Приоритетни беа бисерите од јувелирницата на Владо Димов за неговите колешки во Министерството за здравство, како и бизнис инкубаторот за набавка на стентови кој го раководеа високи функционери на СДСМ, стои во реакцијата испратена од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Соопштението Ви го пренесуваме интегрално во целост

Од вселената денес може да се видат две работи на нашата планета: Кинескиот ѕид и oчајниот страв од избори на СДСМ.

Бедата на СДСМ ги надминува границите на здраворазумското делување одамна, меѓутоа од Бихаќка гордо ја потсетуваат јавноста дека нема дно кое СДСМ не може да го пробие.

СДСМ сака да ја фабрикува и сопствената историја, меѓутоа тоа го прави невешто веројатно бидејќи главниот фабрикант за афери на СДСМ Захир Бекири Чаушот, најдобриот пријател на Заев, моментално е во затвор.

Па така СДСМ сака народот да заборави дека во нивно време пациентите беа оставени без акцелератор за зрачна терапија. СДСМ сака да се заборави дека болните од рак беа приморани да патуваат во Грција за зрачна терапија, каде за само еден третман плаќаа над 1000 евра, бидејќи СДСМ не обезбеди ниту еден акцелератор.

За СДСМ здравјето на граѓаните никогаш не било приоритет. Приоритетни беа бисерите од јувелирницата на Владо Димов за неговите колешки во Министерството за здравство, како и бизнис инкубаторот за набавка на стентови кој го раководеа високи функционери на СДСМ.

Од друга страна, пациентите знаат дека денес нема листа на чекање за зрачна терапија. Пациентите со малигни заболувања ја добиваат потребната терапија за најмногу три дена.

СДСМ сака народот да заборави дека кога беше на власт само ветуваше дека ќе отвори Универзитетска клиника за државна кардиохирургија. Но СДСМ покрај набавката на бисери и фабрикување афери, знае само да ветува. За разлика од нив, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за првпат после голем број неуспешни обиди во изминатите 40 години, отвори Универзитетска клиника за државна кардиохирургија.

Кардиохирургијата, за која СДСМ планираше да потроши околу 4,5 милиони евра, ВМРО-ДПМНЕ ја изгради и опреми по најсовремени светски стандарди за нешто над 2.2 милиони евра, односно за половина од проектираната нереална инвестиција на СДСМ која веројатно требало да резултира со уште неколку јувелирници и бизнис инкубатори за функционерите на СДСМ.

Оваа Влада за првпат го реши проблемот на лицата со ретки болести. Лицата кои претходно патуваа во странство за потребната терапија и издвојуваа огромни финансиски средства за лекови, а меѓу кои најголем број се деца. Денес, лековите за лицата со ретки болести се на товар на државата.

Обезбедена е терапија за 82 пациенти со 16 различни дијагнози, а со набавка на лековите за кои е во тек постапката, ќе бидат опфатени вкупно 201 пациент. Ова е значително финансиско олеснување за лицата со ретки болести и нивните семејства, имајќи предвид дека станува збор за прилично скапа терапија.

Ова се факти кои покажуваат за кого е приоритет грижата и заштитата на пациентите, а за кого се приоритет само личните интереси.

Но СДСМ нема срам и образ, па нема ни проблем да зборува за здравството, повторно користејќи ги добро познатите лешинарски тактики од Бихаќка. СДСМ без грам човечност и без да помисли ни секунда употребува човечки трагедии во своите лешинарски списи на сопствената беда.

Нивните бледи, празни соопштенија им се единствениот лек за да успеат некако да издржат до 24 април и да си создаваат паралелна реалност во која рејтингот не им е мизерен како што им се соопштенијата. Но 24 април е денот кога им доаѓа крајот и ова во СДСМ добро го знаат. Затоа се во очај и уплав. Но, попусто.

За 91 ден народот ќе ја достави својата пресуда 10-ти пат по ред, стои во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.