Пешевски: Целта е секогаш да оствариме повеќе од ветеното

За ВМРО-ДПМНЕ како партија прашањето на подготвување на предизборната програма значи и прашање на изборно ветување и на одржување на зборот. Она што не сме сигурни дека можеме да го оствариме не го вметнуваме во програмата, од која околу 95-96 отсто се реализира. Целта е секогаш да оствариме повеќе од она што сме ветиле, но најважно од се е да си го зачуваме образот, да го одржиме зборот, рече вицепремиерот Владимир Пешевски и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната трибина од проектот „На Македонија ѝ треба твојата идеја“ која се одржа во Крива Паланка.

Тој додаде дека сите идеи се разгледуваат детално и експертски тимови ги преточуваат во проекти преку кои се реализира програмата на Владата на РМ, а речиси 90 отсто од најквалитетните проекти кои се спроведени, додаде, се базираат токму на идеи од граѓаните.
Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ како партија одлучила да и стави крај на политичката криза во земјава, додека, како што рече, СДСМ продолжува да ја продлабочува и бара изговори за одложување на изборите поради јасно искристализираните работи на политичката сцена и нискиот рејтинг.
– Работите на политичката сцена во државава се кристално јасни: на една страна ја имаме СДСМ како партија која ја предизвика политичката криза, партија која никогаш не подготвила конкретна програма, туку на изборите дава само празни ветувања и која има само проекти за „пуштање бомби“, фалсификување лични карти и фабрикување афери, и наспроти тоа ВМРО-ДПМНЕ како партија која продолжува со донесување странски инвестиции и креирање нови работни места. Реализираме конкретни проекти, со „Македонија вработува“ досега се вработиле 115.000 луѓе, се работи на подобрување на животот на младите, тука е проектот „Купи куќа за млади“, се подобрува образованието, здравството, рече Пешевски.
Според него, досега СДСМ не реализирал ниту еден конкретен проект за подобрување на животот на граѓаните.
– Двете најважни институции за организирање на изборите се во рацете на СДСМ, МВР и ДИК. Имаат двајца министри кои наместо конкретни проекти во корист на подобрување на животот на граѓаните, спроведоа прокети за набавка на возила, набавка на мебел, партиски кадровски решенија и унапредувања, непотизам, истакна Пешевски.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде, останува на патот за подобрување на животниот стандард на граѓаните, креирање нови работни места.
– Досега се отворени 150.000 нови работни места, инвестирани се 100 милиони евра во здравството за  нови објекти и реновирања, како и набавка на опрема, над 350 училишта се реновирани, а изградени се 70 нови, се подобруваат условите во земјоделството, образованието, за пензионерите и младите, продолжуваме со исто темпо за да имаме нормален живот во државата, заврши Пешевски.
Советникот во Владата на РМ, Бошко Стојковиќ, истакна дека овие трибини се можност да се слушнат граѓаните и врз база на идеите кои ги предлагаат да се реализираат конкретни проекти.
– ВМРО-ДПМНЕ е препознатлива како партија која внесе нова култура на политичката сцена со работата според пишана програма за чија реализација се дава отчет пред граѓаните. Отвореноста и блискоста со народот се клуч за успехот на оваа политичка гарнитура. Тим стручњаци посветено и макотрпно работи и затоа се постигнуваат резултати, а речиси и да нема област во која оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот не реализирала капитален проект, во образование, култура, а најмногу во економијата која  е во фокусот, рече Стојковиќ.
Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски истакна дека сите добри предлози од граѓаните ќе допринесат за подобрување на животот во општината, истакнувајќи дека со добрата соработка помеѓу централната и локалната власт досега се реализирани бројни проекти во општината. 
– Сведоци сме дека со поддршка од Владата се направени многу патишта во градот, многу проекти од културата и инфраструктурата, арзубавен е ликот на општината, докажавме како треба да се соработува на линија локална-централна власт, се во интерес на граѓаните, рече Алексовски.
Во продолжение, граѓаните предлагаа идеи и се консултираа за решавање на проблемот со 400-те рудари кои останаа без работа по затворањето на рудникот Тораница, за што Пешевски рече дека веќе има заинтересирани пет стратешки инвеститори, беше побарано отворање времен граничен премин кон Трговиште, Република Србија, се разговараше за инфраструктурата во приградските и руралните средини, набавка на нов биохемиски анализатор во лабораторијата во здравствениот дом и набавка на нов рентген апарат , како и решавање на проблемот со одредени лекари-специјалисти кои би ги опслужувале Паланчани.