Лавров: Асад никогаш не побарал азил во Русија

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров денеска на прес-конференција во Москва изјави дека сирискиот претседател Башар ал Асад никогаш не побарал азил во Русија.

– Никој не побарал никаков азил и никој не понудил ништо слично, истакна Лавров.

Како што пренесува БТА, рускиот министер за надворешни работи ги демантираше информациите дека убиениот поранешен шеф на руската Главна разузнавачка агенција, Игор Сергун „му препорачал“ на Асад да поднесе оставка.

– Немаше потреба од сличен разговор со претседателот Асад, нагласи Лавров.

Британскиот весник  „Фајненшл тајмс”, повикувајќи се на неименувани извори од западни разузнавачки служби, неодамна објави дека директорот на руското воено разузнавање Сергун отпатувал за Дамаск, за да му предложи на Асад во име на рускиот претседател Владимир Путин да поднесе оставка. Според весникот, сирискиот претседател го одбил таквоот барање.

На 22 јануари Кремљ исто така ги демантираше тврдењата дека Москва му препорачала на Асад да поднесе оставка.

Првиот руски дипломат потсети и на посетата на сирискот претседател на Москва во октомври минатата година и неговата тогашна средба со Путин.

– Потврдивме јавно, а и нашиот претседател го кажа истото, дека Асад се согласи да преговара со опозиционерите, вклучувајќи ги и вооружените бунтовници и дека се согласи да биде формиран поширок копнен антитерористички фронт за борба против ИД и Фронтот ал Нусра и сличните на нив,  истакна Лавров.

– Претседателот Асад во текот на политичката кариера е подготвен да ги разгледа политичките реформи, кои на крајот ќе и донесат решение на Виенската група и на резолуцијата број 2254 на Советот за безбедност на ОН, додаде рускиот министер за надворешни работи.