Вон сила незаконското разрешување на директори од страна на Ременски

Случајот на незаконско разрешување на петнаесет директори на Центри за социјална работа и јавни установи под капата на Министерството за труд и социјална политика од страна на техничкиот министер Фросина Ременски полека, но сигурно добива правна разрешница, пишува „Курир“.

Управниот суд донесе одлука со која ги стави вон сила решенијата за разрешување на директорите на Центрите за социјална работа и јавните установи од страна на техничката министерка Фросина Ременски.  Во решението за времена мерка се забранува на министерот за труд и социјална политика, Ременски, да превзема дејствија во врска и по повод донесените решенија за разрешувања на директор и решенијата со кои назначува в.д директори до донесување на правосилна одлука по тужбата.

Со донесување на ваквите решенија за времена мерка се подразбира дека незаконски разрешените директори ќе се вратат на своите работни места, а решенијата за назначување на в.д директори немаат важност до донесување на правосилна одлука.

Имено овој месец јавноста беше шокирана од ненадејното разрешување на директорите кое се случи во екот на божиќните празници.  Дел од медиумите повикувајќи се на добро упатени извори известија дека операцијата на поставување на партиски кадри од СДСМ во координација со општинските организации на оваа партија од целата држава се одвивала непосредно пред и по нова година, при што ново поставените в.д директори и самите не ја очекувале оваа ненадејна одлука.

Ременски на почетокот го премолчи овој невиден скандал за после неколку дена на прес конференција тврдеше дека разрешувањето е законско игнорирајќи ги правните аргументи во обид да ја протурка оваа незаконска одлука во корист на партиските интереси.

Дополнителниот заменик министер, Диме Спасов, поднесе тужби до Управен суд по сомневање за незаконско постапување каде се спори административна процедура и тоа “согласно Закон за Влада каде во член 48 став 3 е предвидено дека во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или дополнителниот заменик може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки по истите може да се поднесе тужба до надлежниот Управен суд”.

Одлуката  на Управниот суд покажа дека техничката министерка незаконски ги разрешила директорите на Центрите за социјална работа и постапила спротивно на Законот за Влада. Дополнително, министерката ги пречекорила надлежностите и донела еднострани решенија и го прекршила членот 46 став 3:
“Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Решенијата се ставени вон сила бидејки не е испочитуван  член 47 од истиот Закон кој вели: ако актот или документот од членот 46 ставови (3) и (4) од овој закон е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.

После два и пол месеца министерување, скандали и одмазди, постапките на техничката министерка почнаа да добиваат и правна разрешница.