Новата епизода на „Војна на ѕвездите“ ќе се снима во Хрватска

Повеќе странски медиуми пишуваат дека новата, осма, епизода од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ ќе се снима во Хрватска во текот на оваа година, јави загрепскиот портал Индекс.

Порталот Makingstarwars.net тврди дека „Војна на ѕвездите: Епизода Осма“ ќе се снима на „истата интересна локација на која се снимаше серијата „Игра на престолите““.

Извор за порталот изјавил дека станува збор за „пријатна локација, без големи даноци, која е предизвикувачка за новата продукција“.

Порталот наведува дека таа „локација“ е всушност Дубровник, притоа пренесувајќи повеќе информации за стариот дел од градот, големите ѕидини, барокните и ренесансни цркви, историските музеи…

Неодамна „Дизни“ и „Лукасфилм“ објавија дека осмата епизода од „Војната на ѕвездите“ ќе ја има премиерата во кино салите на 15 декември 2017 година.

Снимањето започнува следниот месец во Лондон под режисерската палка на Рајан Џонсон.