петок, 28 јули 2017  |  Вести денес: 29

Првите летови од Скопје кон Берлин, Копенхаген и Братислава во март

letovi

Последни вести

Новите директни линии на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ кон Берлин, Братислава и Копенхаген ќе започнат од март годинава, а ќе се одвиваат два пати неделно.

Првиот лет кон Берлин ќе се реализира на 21 март, кон Копенхаген на 22 март, а кон Братислава на 28 март.

За Братислава и за Копенхаген почетната цена на билетите што се веќе во продажба изнесува 1.499 денари, а за Берлин 1.799 денари.

– Воведувањето на новите авиолинии се резултат на одличните политики што ги спроведуваме, а водејќи се од потребите на нашите граѓани, рече на промоцијата на авиолиниите министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Создаваме можност, потенцира, преку поволни цени на билетите да се посетат и овие градови во Европа во функција на развој на економијата, образованието, културата, здравството, туризмот…

Мисајловски посочи дека „Визер“ од 2012 година преку финансиската поддршка од Владата воведе 23 линии до европските градови превезувајќи половина од патниците што летаат од македонските аеродроми.

– Очекувам дека оваа бројка ќе се зголеми оваа година со воведување на новите дестинации. Ако  пред 10-ина години се леташе само до 15-ина дестинации, сега како резултат на мерките што ги преземаме таа бројка достигна над 30-ина директни летови кон европски дестинации. Според ова, слободно можам да кажам дека политиките на субвенционирање на нискобуџетните авиокомпании се покажаа како оправдана, рече Мисајловски.

Како што информира Габор Вашареј, менаџер за комуникации во „Визер“, оваа авиокомпанија заклучно со јануари превезла два милиона патници на македонските аеродроми. Со новите линии авиокомпанијата има повеќе од милион седишта на располагање за годинава што преставува пораст на капацитетот за 22 процента споредено со минатата година. Според бројот на превезени патници „Визер“ има 49,2 проценти пазарен удел на аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Авиокомпанијата опслужува нискобуџетни линии до 24 дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром што е поврзување со 11 држави.

– Од основањето на базата во Скопје 2012 година „Визер“ досега отвори 75 локални работни места, во исто време поттикнувајќи го туризмот, посочи Вашареј.

Зоран Крстевски, генерален директор на концесионерот со македонските аеродроми „ТАВ Македонија“, оцени дека превезените два милиона патници за безмалку пет години со „Визер“ е значајно достигнување за развојот на аеродромите.

– За многу кратко време се воведоа многу нови летови до европските метрополи. Летањето стана привилегија на сите граѓани поради пристапните цени на авиобилетите со што се овозможи многу луѓе меѓу кои млади лица, цели семејства, како и наши иселеници од дијаспората почесто да патуваат. Од друга страна, и многу туристи и бизнисмени почнаа да ја откриваат Македонија, рече Крстевски.

„Визер“ го реализираше првиот лет од Скопје во јуни 2011 година, а во октомври 2012 воспостави база во Скопје, а сега функционира со три воздухоплови и 84 вработени со седиште во главниот град. Од јуни лани почна со летови и од охридскиот аеродром. „Визер“ лани превезла вкупно 19,5 милиони патници.

Најчитани вести