Собранието расправа за буџетот на Јанева

Во рамки на 90. седница Собранието денеска расправа за Предлог- одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се обезбедуваат средства за реализација на Финансискиот план на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за 2016 година.

Се предлага реалокација на средствата во рамки на планираните средства со Буџетот на Република Македонија за 2016 година, во износ од 253.682.112 денари кои се наменети за непречено работење и автономно функционирање на Специјалното јавно обвинителство.

Финансиските средства за СЈО ќе бидат наменети за исплата на средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство, пишува МИА.

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ побара од специјалната обвинителка Катица Јанева до Собранието да достави детална информација за што ќе бидат потрошени бараните средства во висина од околу 4 милиони евра и за што ќе бидат потрошени околу еден милиони денари за договорни услуги.

Мукоски рече дека владејачкото мнозинство не е задоволно од работата на Јанева. Потсети дека таа не направила записник за предадените материјали од прислушуваните разговори, го одложила случајот „Пуч“ со образложение дека не се подготвени, а ослободени од притвор се главните осомничени за случајот. Специјалната обвинителка, посочи тој, веќе отпушти двајца обвинители.

– Кога донесуваме буџет за која било институција редно е да достави план и програма за работа. Ниту јавноста ниту пратениците немаме увид во работењето на Јанева, ниту колку вработени има, колкави им се платите, за администрацијата, техничкиот персонал…, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од опозицијата инсистираа Јанева да не се поврзува со нив и сметаат дека однесувањето на владејачката партија е резултат на неможност првпат по подолго време да контролираат некоја институција.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески истакна дека стравот на владејачкото мнозинство е од одлуките на Специјалното обвинителство што Јанева ги најави за март оваа година.

Горан Милевски, од ЛДП смета дека треба да престане хајката против специјалната обвинителка Катица Јанева и да и се дозволи да го расчисти случајот со прислушуваните материјали.

Опозициските пратеници, според пратеничката Лилјана Кузмановска, пристрасно ја бранат Јанева. Таа треба да даде отчет за четирите милиони евра што ги бара. Се создаде фама, истакна таа, околу бројката на обвинители кои ќе бидат ангажирани во Специјалното јавно обвинителство, два пати се одлагаше случајот „Пуч“ посочувајќи дека специјалното обвинителство не е подготвено, а сега отпушта двајца обвинители без никакво решение и постапка.

Кузмановска рече дека Јанева не направила никаков записник за предадените прислушувани материјали и, според нејзината изјава, тоа не било прекршок. – Можеби и предадоа празни кутии, рече Кузмановска и праша каде се тие 600.000 разговори за кои зборуваше лидерот на СДСМ и оригиналите од тие разговори.

Првиот испит на кој што паднала Јанева и сомнежот за нејзина пристрасност кај Кузмановска, како што кажа, се јавил кога интервенирала за ослободување на Зоран Верушевски, осомничен во случајот „Пуч“.

Сугарески реплицираше дека отчет за парите, владејачкото мнозинство треба да бара во Министерството за финансии. Обвини дека пратениците денеска продолжуваат со напади кон Јанева и праша зошто претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски не го повикал јавниот обвинител Марко Зврлески да даде отчет за тоа зошто не е постапено по 27-те кривични пријави од опозицијата.

Јанева најави дека до март ќе има кривични пријави, но за пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ се отвора дилема, како што кажа, како специјалната обвинителка успеала за толку кратко време да преслуша 600.000 разговори.

– Сакаме да направи отчет за нејзиното работење. Во најмала рака може веб-страна да направи. Каде се неофицијално стекнатите прислушувани разговори? Ако беа кај неа зошто има 70.000 прислушувани разговори кај Чауш? Дали таа ги доби оригиналните прислушувани разговори? Дали ги собра на еден тврд диск, како што вика таа?, праша Рангелова. Според неа, опозицијата се крсти само во Катица Јанева и не ги интересира дали народот ќе ги гласа на 24 април.

Пратениците на седницата ја усвоија одлуката за испраќање на еден штабен официр на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Обединетите нации, УНИФИЛ во Либан од јули 2016 година.

Собранието го верификуваше и мандатот на Милка Христова за пратеник во Собранието на Република Македонија, од редовите на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Христова доаѓа на местото на Емил Димитриев, кој беше избран за претседател на Владата на РМ за спроведување на изборите.

На дневен ред на седницата се и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, во второ читање, како и по Предлог законот за изменување на Законот за високото образование, и Предлог законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” во Скопје, двата во прво читање.

Седницата ќе продолжи по едночасовна пауза.

По завршување на 90. седница пратениците треба да продолжат со работа по преостанатите точки од 85. седница на која отпочна расправата за Предлог законот за дополнување на Законот за административни службеници поднесен од опозицијата.