четврток, 27 јули 2017  |  Вести денес: 0

Комеморација: Холокаустот не смее да се повтори

holokaust

Последни вести

Република Македонија е длабоко посветена на борбата против сите форми на дехуманизација и дискриминација на човекот и на негувањето на дијалогот  кој е најхомогениот медиум за остварување на разбирањето меѓу народите. Нашите заложби се повеќе од јасни,  холокаустот не смее да се повтори, тој треба да биде наша поука, како да ја градиме сопствената иднина, да се залагаме за сочувување на мирот, развивање на демократските процеси во општественото живеење, како да ги унапредуваме човековите права и слободи и ја продлабочиме соработката со соседите, со Европа и со сите земји во светот.

Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на денешната комеморативна церемонија во МНР со која беше обележан 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавањето на жртвите  на Холокаустот, а во рамки на која беше отворена и изложба „Ана Франк – – историја за денешнината”, Таа истакна дека грижата за сопственото минато е одлика на цивилизираниот свет, а токму затоа денеска, со посебен пиетет се навраќаме на  сите  жртви на Холокаустот вклучително и на 7144 Евреи од Македонија кои во 1943 беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка.

– На денешен ден, пред точно  71 година, кога  беше ослободен и злогласниот концентрационен логор Аушвиц, светот се соочи со вистината за една од најтрагичните епизоди во човековата историја – планираната екстерминација на припадниците на Еврејскиот народ. Сеќавањата и фотографиите на жртвите на Холокаустот, како и на Македонците кои беа сведоци на нивната голгота се и ден-денеска свежи и тие се аманет за сите нас, за сегашните и идните генерации, најдостоинствено да го чуваме и негуваме нивниот спомен и да дадеме свој придонес преку системот на образованието, преку програмската политика на сите медиуми, идеите на слободата и толеранцијата  силно  да се пропагираат бидејки само на тој начин ние можеме да избегнеме нов холокауст, порача Канческа Милевска.

Таа воедно најави дека Македонија оваа година, по четврти пат ќе биде домаќин на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која ја промовираше нашата држава како лидер  во подготвувањето на глобалната платформа за дијалог меѓу културите и цивилизациите. Потсети и на  неколку исклучително значајни проекти кои  се потврда дека во земјата се негуваат културите на сите заедници,  вклучувајчи ја и еврејската заедница, како што е изградбата на Музејот на Холокаустот, кој  по музеите во Ерусалим и Вашингтон е трет музеј во светот и прв во Европа посветен на жртвите на Холокаустот.

 Владата на Република Македонија  и во иднина останува  силно посветена на заложбите за негување на споменот на жртвите на ова потресно историско поглавје но, и на унапредувањето и збогатување на образовните и истражувачките процеси во врска со сите аспекти на Холокаустот.  Остануваме посветени на желбата да дадеме свој придонес  кон мирот и хармонијата, ставајќи го сопственото културно и духовно наследство и етичките вредности во служба на целото семејство на човештвото. Ќе  завршам со една размисла на младата  Ана Франк која во својот Дневник кој е корисно четиво за сите нас, возрасните, вели…она што е направено не може да се врати назад, но, човек може да спречи, да не се случи повторно…, посочи Канческа Милевска.

Вилем Вутер Пломп, амбасадорот на Холандија, кој помогна за реализација на изложбата, како земја претседавач со ЕУ ја нагласи бегалската и мигрантската криза со кои се соочува Европа и Македонија како земја од балканската рута, и потсети дека и семејството на Ана Франк биле мигранти од Германија.

– Ние во Европа и Балканот не успеавме да им обезбедиме слобода и да ги заштитиме Евреите. Ана Франк стана дел од нашата историја, а белешките во карираната тетратка на Ана Франк се скапоцен книжевен споменик за личната приказна на една девојка заробена во превирањата на војната. Во нив таа ќе напише дека сака да му служи на човештовото и дека покрај се верува дека луѓето се навистина добри во срцето. Тоа е она кон што треба да се стремиме како држави и институции и како поединци во секојдневниот живот, рече Пломп оценувајќи дека децата кои се обучени водичи за изложбата се специјални амбасадори на Ана Франк во промоцијата на нејзините благородни идеи.

Израелскиот амбасадор Ден Оријан истакна дека нема поголема победа кога учениците кои учествуваа на литерартурните конкурси за холокаустот ја раскажуваат приказната за геноцидот на Евреите за таа да не се повтори никогаш повеќе.

– Ви должиме вам и нам, им должиме на младите поколенија да ги научиме да раскажуваат за тоа што се случило во минатото, за да бидат нови сведоци на холокаустот, рече амбасадорот Оријан.

Од име на Еврејската заедница во Македонија се обрати Александар Петровски, кој нагласи дека Македонија цврсто верува во заложбите на унапредувањето на образовниот процес и истражувањето на холокаустот како што е пропишано во декларацијата од Меѓународниот форум за холокаустот во Стокхолм од 2000 година. – Тој дава конкретни резултати бидејќи Македонија е држава со пониско ниво на антисемистизам од многу други европски држави, рече Петровски.

Со резолуција на Генералното собрание на ОН од 2006 година 27 јануари е прогласен за меѓународен ден на сеќавањето на холокаустот. Изложбата „Ана Франк – историја за денешнината”, која беше отворена во холот на МНР, се реализира во соработка со музејот „Куќата на Ана Франк“ од Амстердам и „Младинскиот образовен форум“ од Скопје. Предвидено е таа да патува во 15 градови во Македонија и е дел од регионален проект поддржан од Европската комисија.

Најчитани вести