Откупната цена на тутунот за 50 отсто повисока од лани

тутун
Одлична откупна цена добија тутунопроизводителите при предавањето на ситнолисниот ориентален тутун од овогодишната реколта. Последните податоци од институциите покажуваат дека просечната откупна цена на тутунот изнесува 186, 70 денари за килограм предаден тутун, пишува Лидер.

„Ова е правилно вреднување на земјоделскиот труд со просечна откупна цена која е највисока во земјите традиционални производители на ориентален тутун. Дали воопшто е потребно да потсетуваме на понижувачката откупна цена од едвај 60 денари за килограм откупен ориентален тутун до 2006 година? Дали да потсетиме на непостоечкото субвенционирање или нула денари субвенција за килограм откупен ориентален тутун, исто така до 2006 година. Со моменталната просечна откупна цена од 186,70 денари и дополнителните 60 денари субвенција за 1 килограм откупен ориентален тутун, тутунопроизводителите можат да бидат задоволни. Затоа македонските тутунопроизводители и земјоделците воопшто ја препознаваат вистинската грижа и внимание кои токму оваа Влада им го посветува во последниве десеттина години“ коментираат дел од тутунопроизводителите.

Квалитетот ја диктира цената

„Оваа година имаме неспоредлив квалитет од порано, имаме многу подобар квалитет. Тутунарите се борат за секое едно ливче да не остане на нивата оти од него очекува егзистенција за наредната година да преживее и да почне со инвестиции од февруари. Согласно со нашите вложувања од 1 декар не чини 24 000 денари, а тоа е од спремање на расад, одгледување и се она што е потребно за примарното производство. Ако не постои субвенцијата од 60 денари јас верувам дека ова наше производство ќе опадне бидејки младиот свет не сака тутун, а со овие средства односно субвенции, тутунарите си имаат пресметка, затоа што со овие пари се покриваат трошоците “ вели за Лидер Данчо Милевски, тутунопроизводител од Прилеп.

Тутунарите кои имаат договори што побрзо да го предадат тутунот за да добијат субвенции – Апел од надлежните

„Субвенциите за тутунот од минатогодишната реколта се целосно исплатени бидејќи по календарот на субвенции најпрво што се исплаќа како директна поддршка од Владата е тутунот, a се однесува на оние кои произведуваат тутун и го продаваат во регистрирани откупни претпријатија. Јас сакам да апелирам до сите тутунари кои што имаат добиено покана од откупните претпријатија со кои имаат склучено договор за производство и предавање на тутунот, што е можно побргу да одговорат на поканата и во договорот , количината што е утврдена согласно договорите целосно да ја почитуваат бидејќи оваа година за прв пат направивме систем да можеме да исплаќаме во однос на предаден тутун кај откупните претпријатија без да се чека законскиот рок на завршување на откупот на тутунот. Така да доколку на пример законски се предаде во овој период за една недела од предавањето ќе се исплатат субвенциите. Впрочем и тоа беше интенцијата на измените на Законот за земјоделство и рурален развој, каде она што беше барање на земјоделците за пребивање и оваа година е прифатено. Со тоа што знаеме дека субвенцијата за тутунот е 1 евро за килограм“, вели заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски.

Вкупно 11.235 тони тутун во вредност од 2,098 милијарди денари се откупени заклучно со 20-ти јануари. Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), просечната откупна цена е 186,7 денари, а се исплатени 81 отсто од преземените количини тутун.

– Родот годинава е со добар квалитет, а тоа го потврдува и постигната цена, истакнуваат од МЗШВ.

Тутунарите први ги добиваат субвенциите од 60 денари за килограм, по завршувањето на откупот.

Статистика

Производството и трговијата на тутун и тутунски производи учествуваат со 3,2% во бруто домашниот производ.

Тутунската индустрија учествува со 4% во вкупното индустриско производство и со 4,1% вработувања во вкупната индустрија. Во вкупната површина под индустриски култури тутунот учествува со 78%.

Тутунот е застапен на просечна површина од околу 15.430 ха (2007-2014) со 8-годишен просек на производство од околу 23.400 тони