Кривична пријава против секретарката на ООУ „Коле Неделковски“

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против 58-годишната Љ.А. која работела како технички секретар во основното училиште „Коле Неделковски“ во Скопје.

Кривичната пријава е поднесена поради постоење основано сомнение дека во текот на овој месец сторила кривично дело „фалсификување или уништување на деловни книги“.

Полицијата денеска соопшти дека кривичното дело е направено при процесот на избор на директор на училиштето за што бил објавен оглас на 30 декември минатата година.

Во соопштението се наведува дека на 4 овој месец се состанала Комисијата за разгледување на пристигнатите документи при што била разгледувана само молбата на единствениот кандидат кој се јавил на огласот, односно актуелниот директор на училиштето. Комисијата констатирала дека кандидатот ги има приложено сите потребни документи и ги исполнува условите и даден е предлог кандидатката да биде повикана на интервју.

Но, на 2 овој месец на јавниот оглас во рокот определен за доставување на документи, молба преку препорачана пошта доставил и друг кандидат од Скопје.

На 5 овој месец повторно се состанала Комисијата при што биле разгледувани двете молби и притоа за документацијата доставена од вториот кандидат било констатирано дека е некомплетна.

На 12 јануари била одржана седница на училишниот одбор на која бил разгледуван извештајот на Комисијата при што еден член на Комисијата и член на Училишниот одбор не се согласувал да му бидат вратени документите на вториот кандидат со образложение дека Комисијата нема мандат да враќа документи, туку тоа треба да биде со Одлука на Училишниот Одбор и оти според законските прописи не е потребно кандидатот да поседува документ за познавање на македонскиот јазик и кирилското писмо, како и дека со ниеден законски пропис не е предвидено дека кандидатот мора да стави свој потпис на Молба и биографија.

Сепак, пријавената Љ.А. три дена претходно, односно на 8 јануари година со „Ин пошта“ како експресна пратка му ја вратила документацијата на вториот кандидат на негова домашна адреса. Покрај останатата документација, на одбиениот кандидат му било доставено Известување заведено со деловоден број на 08.01.2016 година, наводно потпишано од четворица членови на Комисијата, со кое го известуваат дека е одбиен поради некомплетна, односно непотпишана документација, без можност да се изврши исправка.

Одбиениот кандидат сомневајќи се во валидноста на Известувањето (потписите на членовите на Комисијата се копирани и пренесени најверојатно од друг документ) доставил известување со приговор по однос на вратената документација на 11.01.2016 година, но деловодниот број не е внесен на приемниот штембил. Истовремено писмено го известил и градоначалникот на Општина Центар.

Од страна на Градоначалникот на Општина Центар доставена е пријава до СВР Скопје. По добивањето на документацијата и извршените разговори со инволвираните лица во случајот, констатирано е дека еден од потписите на известувањето до одбиениот кандидат не е даден од член на Комисијата. Исто така во разговорот со одбиениот кандидат евидентирано е дека молбата, кратката биографија и програмата за работа приложени во документацијата – на одбиениот кандидат биле своерачно потпишани од негова страна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.