Браната „Баргала“ во Карбинци ќе се гради кон крајот на годинава

Браната  „Баргала“ на реката Козјак во Општина Карбинци  ќе се гради во текот на оваа година, а инвестицијата вредна десет  милиони евра е дел од Програмата за изградба на акумулации и санации на постојните системи за наводнување, најави денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопатво, Ванче Костадиновски, кој заедно со претставници од ЈП Водостопанство „Брегалница“ на лице место направија увид какви корекции треба да има стариот проект за изградба на брана.

– Овде сме со цел да видиме кои активности треба да ги преземеме пред објавување на тендерската постапка за корегирање на веќе постоечкиот проект за бараната кој бил изработен далечната 1994 година, од страна на мојот советник Благој Стоилов кој е овде. Значи да видиме на кој начин со ситни корекции од страна на потенцијалните ревиденти на постоечкиот проект да изработиме проектната документација, која што ќе значи основ за објава на тендерот за некаде при крајот на 2016 година, со што дефинитивно ќе започне изградбата на браната Барагала, рече Костадиновски, пренесува МИА.

Тој забележа дека со изградбата на браната „Баргала“ на реката Козјак месното население и нивните земјоделски површини ќе бидат заштитени од поплави, бидејќи на овој начин ќе се регулираат сите води и притоки кои влегуваат во реката Козјак, која доаѓа од планината Плачковица.

– Втората цел која што е важна е зголемување на вредноста на земјиштето, бидејќи со изгардбата ан оваа брана ќе се наводнуваат 1.000 хектари земјоделска површина во овој регион. Има приватно лица  од Општините Штип и Карбинци кои што имаат свое земјоделско земјиште во овој регион и нормално државното земјоделско земјиште кое што е дадено под закуп во Општина Карбинци, со тоа што ова земјиште во изминатите години не беше покриено под систем за наводнување, сега ќе може да се наводнува, а со тоа се дава и дополнителна вредност на земјоделското земјиште, вели Костадиновски.

Благода Стоилов вработен во  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а воедно и изготвувач на првичниот проект за изградба на браната „Баргала“ информира дека висината на браната ќе изнесува 49 метри, потоа должината на круната е околу 183 метри, а како што вели вкупниот материјал за телото на браната е 475.000 м/3. Тој појасни дека оваа брана ќе се гради со камен и глина, а се овозможува во неа да има вода од  4,5 милиони м/3 .

По изградбата на акумулацијата ќе бидат потопени над 22 хектари земјиште. Стоилов вели дека поради новите закони за градба, за заштита на животната средина мора да се ревидира стариот проект.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Зоран Минов вели дека Општина Карбинци ќе ја даде целосната подршка за изградба на оваа брана, од која бенефиции ќе почуствуваат земјоделците од селата во Општина Карбинци, а исто така ќе бидат заштитени и неколку села од поплави.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев кој денеска беше на лице место истакна дека изградбата на браната „Баргала“ ќе значи земјоделците да се оринтираат кон подоходовно производство на земјоделски култури, бидејќи со наводнувањето на земјоделските култура ќе се зголемат и приносите.